Сите луѓе оставаат ситни траги од себе каде и да одат. Дел од овој материјал – главно клетки од кожата, првут и плунка – останува да лебди и може да се задржи и откако лицето ќе си замине.
Технологијата за изолирање на генетските траги наречени „еколошка ДНК“ (еДНК), се користи за следење на ранливи или скриени животни во дивината, на пример за следење на бурмански питони во мочуриштата Еверглејдс на Флорида, како и за попис на животните во езерото Лох Нес.
Уште пред три години пишувавме (Ќе ни земаат ли ДНК од воздух?) и за интересот од полициите да ги преземат тие методи за решавање кривични дела, но и за следење на одредени популации луѓе. Како и повеќето форензички наоди, и присуството на еДНК сам по себе не е доказ за извршено кривично дело, но може да насочи истраги.
Нова студија предводенa од Кјара Фантинато од Универзитетската болница во Осло во соработка со група од Австралија, покажала дека траги од луѓе во просторија може да бидат идентификувани од еДНК во воздухот дури и 30 минути откако си заминале, но и дека доказниот материјал е неубедлив.
Во експериментот учествувале по 11 семејства во Осло и во Аделаида, кои се согласиле во нивните домови да влезе лице што ќе глуми провалник, а потоа и форензички тим за да собере примероци од воздухот во кујната.
„Натрапниците“, кои никогаш претходно не влегле во куќите, требало да престојуваат по 15 минути во собите и да отвораат фиоки и ормари како да се провалници. По половина час – најбрзото време во кое полицијата би интервенирала по провала, влегувале форензичарите во целосна заштитна опрема, опремени со специјален уред, кој во суштина е правосмукалка. Собирале и примероци од површините.
Резултатите од анализите покажале половичен успех на примената на новата метода. Примероците собрани во Осло можеле да се поврзат со натрапниците во 82% од случаите, но стапката на успешност во Аделаида изнесувала само 36%. Причините за оваа разлика не се јасни, но се претпоставува дека се последица на разни фактори како бројот на луѓе што живеат во куќата и степенот на чистота на просториите.
Самите истражувачи биле изненадени од тоа колку е чувствителна нивната техника. И покрај сите заштитни комбинезони и мерки за претпазливост, форензичарите откриле и траги од сопствената ДНК во воздухот.
Малку е веројатно дека примероците од воздух некогаш ќе бидат доволно сигурни за да послужат како клучен доказ за нечија вина. Тоа е истражна алатка, како и многу други. Сè уште е рано овој метод да се применува во реални случаи. Потребно да се разбере зошто различни луѓе испуштаат различни количества ДНК и да се стандардизираат техниките меѓу лабораториите, изјави Фантинато.
Сепак, таа признава дека полициски служби веќе изразиле интерес за техниката.