Светот има нов рекордер по нераѓање деца

Тајван ја надмина Јужна Кореја како земја во која се раѓаат најмалку деца. Годишната стапка на наталитет паднала на 4,62 новороденчиња на 1.000 луѓе. Секоја жена просечно раѓа по 0,8 бебиња. Земјата важи за „супер-старо“ општество, бидејќи Тајванците на возраст над 65 години надминаа една петтина од вкупната популација.

Новите податоци од тајванските матични служби покажуваат дека бројот на новородени бебиња во 2025 се намалил десетта година по ред. На островот со 23,3 милиони жители лани биле родени само 107.812 бебиња, што е намалување за 27.044 со споредба со претходната година. Во истиот период бруто стапката на наталитет се намалила од 5,76 на 4,62 новороденчиња на 1.000 жители. 

Стапката на фертилитет во Тајван се спушти на просечно 0,8 бебиња на секоја жена. Нивото за одржување на населението е околу 2,3 родени деца на секоја жена.

До минатата година најниско рангирана земја во светот според новороденчиња беше Јужна Кореја. Сепак, стапката на фертилитет во Јужна Кореја почна да се опоравува од 2023 година и се зголеми од 0,72 на 0,85. Бруто наталитетот е проектиран на 6,7 новородени на 1.000 луѓе. Во иста категорија е и Јапонија, каде што наталитетот падна под 6 новороденчиња на 1.000 жители, но проценките се дека лани се задржал над 5.

Според критериумите на Обединетите нации, Тајван и официјално е „супер-старо општество“ – категорија на земји кои имаат повеќе од 20% жители на возраст над 65 години. Оние со 14% жители на пензионерска возраст се „стари“, а со 7% „стареат“.

Вкупниот број на жители на Тајван се намалува втора година по ред, овој пат за 101.088 во споредба со 2024 година. Минатата година се венчале 104.376 двојки, што е намалување од 18.685, а се развеле 52.101. 

Децата помлади од 14 години сочинуваат 11,5% од вкупното население на Тајван. За споредба, во Нигер, кој има најмлада популација, просечната возраст на сите жители е 15,2 години. Во Уганда е 16,2 години. Земја со најмлада популација во светот, а да не е во Африка, е Авганистан (просечна возраст од 20 години), а во Европа се Косово (32 години), Албанија (36) и Исланд (38).

Глобалната просечна возраст на луѓето во светот е 31 година, а на жителите на Македонија, според проценките на Книгата на факти на ЦИА, е 41 година.

15 јануари 2026 - 13:43