Стомакот како казан за печење ракија

Многу се ретки но постојат луѓе чиј стомак, поточно бактериите во него, можат да произведуваат енормни количини алкохол. Таквите знаат одеднаш да станат гипс пијани, без да пипнат алкохол. А вие давајте пари за пијачки и скенирајте сметки.

Проблемите на човеков за кој пишува Атлантик почнале во 2004 година, кога од Кина дошол да студира во Австралија и веќе на почетокот се направил дрво пијан. Настан кој не вреди да се памти, ако не бил фактот дека таа вечер пиел само цеден сок и никаков алкохол.

Подоцна ваквиот настан се претворил во рутина. Отприлика еднаш месечно, од нигде никаде, ќе се стапоса. Со текот на времето, епизодите станувале сè почести и пожестоки. Има губено работни места бидејќи го сомничеле дека скришум пие на работа. Често завршува и по болници, на токсикологија. Му имаат мерено алкохол 10 пати над дозволениот лимит за возачи.  

Се враќа во Кина каде што посериозно е хоспитализиран. Му се има случено алкохолно губење свест откако дрмнал чаша минерална вода. Дијагностициран е со реткиот auto-brewery syndrome (сам своја пивница) кој првпат е пријавен во Јапонија во 50-тите години и во кој микробите во нечии црева ги ферментираат јагленохидратите во големи количини алкохол.

Во повеќето случаи, алкохолот кај овие луѓе го создаваат квасци, слични на оние кои ги прават пивата и вината. Тие лесно се третираат, со медикаменти против квасни култури. Но, кај ова тоа не помагало и е утврдено дека целиот алкохол кој веќе сериозно му ја има нагризано јетрата (за чувстивтелни уши: црниот дроб) му го прави една бактерија.

Малата се вика клипсиела (Klebsiella pneumonia). Обично е безопасна но е опортунистички патоген кој знае да биде опасен ако начека шанса да се разигра. Сега клипсиелата се сомничи дека можеби е виновна и за оние случаи на неалкохолна замастена јетра.

******

За другите:

 

24 септември 2019 - 08:44