Сè помалку имаме што да си кажеме

Според нова студија на научници од универзитетите во Мисури и Аризона, луѓето денес зборуваат помалку од кога било досега. Поконкретно, наведуваат дека помеѓу 2005 и 2019 година, бројот на зборови што ги кажуваме на друго лице се намалил за речиси 28 проценти. Целата ситуација сигурно е влошена откако дополнително нè замолчи пандемијата. А и што да каже човек....

Како што пишува Волстрит журнал, научниците го анализирале просечниот број на изговорени зборови (16.632 во 2005 година) врз основа на 22 студии во кои повеќе од 2.000 луѓе снимиле аудио снимки од нивниот секојдневен живот.

Како што нарачувањето преку апликации станало вообичаено, пишувањето пораки се зголемило, а животот се префрлил сè повеќе на интернет, бројот на изговорени зборови значително се намалувал.

До 2019 година, тој изнесувал околу 11.900 зборови дневно.

Истражувачите исто така откриле дека помладите луѓе се поподложни на овој тренд. Луѓето под 25 години кажуваат 451 збор помалку дневно, додека оние над 25 години ќе гукнат 314 зборови помалку. Во просек, бројот на изговорени зборови се намалувал за 338 годишно. Доколку тој тренд продолжил, денес веројатно сме под 10К зборови на ден.

Авторите на истражувањето предупредуваат дека ваквиот пад на комуникацијата би можел да има пошироки последици. Покрај зголемувањето на чувството на осаменост, се регистрира и слабеењето на основните комуникациски вештини, како што е водење разговор без прекинување на соговорникот или одржување на вниманието при интеракција лице в лице.

Велат и дека нема место за паника бидејќи дури и мали промени, како што се почесто разговарање со децата или намалување на употребата на паметни телефони, би можеле да помогнат во пресврт на овој тренд.

28 април 2026 - 11:04