Повторувањето е мајка на грешката

Луѓето учат од своите грешки, меѓутоа тоа што го учат е како да направат уште повеќе грешки, покажува едно ново канадско истражување, според кое најважно е да се запамети зошто сме ја направиле грешка.

Ваквиот заклучок доаѓа од истражување на феноменот „на врв на јазикот“ (Тip of the tongue - TOT), објавено во журнал на експериментална психологија.

ТОТ се случува кога вашиот мозок стигнал до точната информација, но заради одредена причина не може да го најде соодветниот звучен израз за истата. Ваквата ситуација е повеќе карактеристична за луѓето кои знаат повеќе од еден јазик (бидејќи имаат поголем фонд на зборови низ кој треба да пребаруваат), постарите луѓе и лицата со мозочни оштетувања.

"Ова е крајно фрустрирачки, знаеш дека го знаеш зборот но не можеш да го извадиш од таму кај што е. И кога конечно ќе го добиеш, не ни помислуваш дека некогаш ќе го заборавиш. Но, го забораваш," опишуваат истражувачите од МекМастер универзитетот во Онтарио.

Според нив причина за ова е што луѓето не трошат време на паметење на причините за заборавањето, со што нивниот мозок го зајакнува системот со кој е дојдено до грешката.

"Знаеме дека мозокот работи на овој начин - памети преку повторување на што и да прави. Значи истражувањето комплетно има логика. Меѓутоа истовремено е контраинтуитивно во однос на нашиот став дека учиме од нашите грешки," изјавиле истражувачите.

На студентите кои учествувале во истражувањето им биле дадени дефиниции а тие требале да кажат за кој поим се тие. Притоа, освен точниот одговор, можеле да кажат дека не знаат или дека одговорот им е на врв на јазик. Два дена подоцна на истата група и бил даден истиот тест. Студентите во најголем број пријавувале ТОТ за истите зборови кои ги збуниле во првиот тест.

Според истражувачите, најдобар начин да се справите со ваквите зборови е откако ќе го најдете точниот одговор истиот да го повторите на глас или во себе. А наместо да се измачувате со одреден збор, истиот можете да го побарате на интернет или да прашате некој пријател.

7 мај 2021 - 14:16