Пентагон самиот ширел приказни за НЛО

Пензионирани американски воени лица проговорија за теориите дека во Зоната 51 биле криени вонземјани. Не само што во строго забранетата зона немало „мали зелени“, туку офицерите самите ги ширеле гласините за да го прикријат развојот на авионите од „стелт“ технологија. Тоа го правеле толку добро што и многумина вработени во Зоната 51 се пензионирале верувајќи во приказните.

За да биде приказната што е можно поверодостојна, офицери од Пентагон фабрикувале документи и преку разни канали ги пуштале до јавноста како „доказ“ дека во Зоната 51 се чуваат летечки чинии и се прават обдукции на тела на вонземјани, покажува истражувањето на Wall Street Journal. 

Издвоен е случај од осумдесеттите години, кога полковник од Военото воздухопловство посетил бар во Невада и на сопственикот му предал наводни фотографии од летечки чинии. Фотографиите завршиле истакнати зад шанкот и придонесле да се прошири приказната дека пристапот во Зоната 51 е строго забранет за да се прикријат докази за блиски средби со вонземна цивилизација.

Дури во 2023 година, веќе пензионираниот полковник пред истражен комитет на Пентагон признал дека фотографиите биле лажни. Целта на нивното споделување со јавноста била да се прикрие развојот на првиот борбен авион со „стелт“ технологија. Офицерите оцениле дека авионот Ф-117 со специфичен дизајн можат полесно да го прикажат како летало што пристигнало од соѕвездието Андромеда.

При внатрешната истрага комисијата на Пентагон сослушала повеќе од 20 активни и пензионирани офицери, научници и инженери. Биле прегледани илјадници страници документи, снимки и електронски пораки. Заклучокот бил дека нема основа за теориите дека се прикриваат тела на вонземјани и нивни летала. Со докази било потврдено било дека во многу случаи забележаните неидентификувани летечки објекти всушност биле беспилотни летала, балони, ракети, птици, одраз од сателити во ниска орбита или оптички илузии.

Но, и овој извештај бил означен како доверлив „за да се заштитат други критични податоци и да се избегне срам“. Една од причините е и повеќедецениското лажење на вработените преку бизарен ритуал на иницијација. На нововработените им давале досие со летачка чинија со антигравитациски погон и ги лажеле дека се приклучуваат на фантомската единица „Јенки блу“, чија мисија е да изработи копија на вонземно летало. Не смееле тоа да го кажуваат никому, ни на колегите ни дома. Многумина офицери поминале цел работен век во Зоната 51 убедени дека навистина биле ангажирани во супертајна мисија.

Шон Киркпатрик, научникот што ја водел истрагата, утврдил дека ритуалот во 2023 година сè уште се спроведува и побарал итно да биде прекинат. Нема податоци дали оваа децениска практика на дезинформирање била традиционална шега, тест на лојалноста на вработените или поради некоја друга причина. Не се знае ни дали лажењето било организирано од повисоко ниво или било иницијатива на офицери од понизок ранг.

10 јуни 2025 - 13:38