На која возраст човек го достигнува врвот на своите перформанси? Добро прашање а логично место за да се даде тој одговор е да се разгледа когнитивината флексибилност, односно способноста да е шалташ меѓу мислење за два различни концепта или пак нив да ги мозгаш истовремено. Тоа колоквијално се нарекува „острина“ и според истражувачите, се случува меѓу 21 и 30 година. Ова е во согласност со доминантниот, технолошки обоен наратив по кој младоста е клуч за успехот. Како што кажа првиот човек на Фејсбук, Марк Закерберг, „“Младите, едноставно, се попаметни“.
Според последните научни сознанија, Закерберг не само што е несмасен туку е во грешка.
Екипа на МИТ проучувала 2,7 милиони случаи на луѓе кои основале компаниии меѓу 2007 и 2014 година. Меѓу најуспешните се оние чиј основач имал во просек 45 години. Според истите податоци, човек на 50 години има двојно поголеми шанси за импресивен деловен успех (да биде во топ 0.1%) од оној на 30 години.
Овие сознанија ја побиваат вообичаената хипотеза дека младоста е клучен елемент во успехот. Дури и во ваков брз свет на стартапи, не се работи само за „острината“ која е поврзана со младоста. Мудроста, она подлабоко знаење кое може да се стекне само низ искуство и тоа како игра улога во целата приказна.
Можни ли се паралели со спортот, област во која најмалку би се очекувала потреба од мудрост? Во чисто физиолошка смисла, спортистите го достигнуваат врвот во раните 20 години. Па сепак, некои актуелни шампиони се во втората половина на своите 30-ти: маратонците Дезире Линден, Шален Фланаган или Меб Кефлезиги, тенисерите Роџер Федерер или Серена Вилијамс, пливачот Ентони Ирвин....
„Не мора да имаш 25 години за да имаш одлични перформанси“ вели седумкратната велосипедистка Ребека Рашч која на 47 години се качи на Килиманџаро - со точак. „Сè уште напредувам и ги имам едни од најдобрите денови во мојата кариера. Можеби ја немам силата и експлозивноста од младоста но мудроста е одличен еквилајзер. Попаметна сум околу храната, тактиката на трката и имам специјално само-сознавање кое може да се добие единствено преку долгогодишно искуство.“
Слично мисли и алпинистот Џими Чин.
„Младоста бадијала се троши на младите. Сум разговарал со помлади алпинисти кои биле сериозно загрижени како ќе ја преживеат 28-та година.“ вели Чин кој некои од своите најголеми успеси ги постигнал во експедиција со легендарниот Конрад Анкер на негови 48 години.
Се разбира, постојат спортови во кои физиолошкиот аспект е пресуден, на пример спринтот. Но постојат и спортови во кои успехот во голема мера зависи од други фактори, оние кои тешко се мерат а се добиваат само со искуство. Затоа, просечната возраст на сите ултра-маратонци во 2013 година била 47 години, седум години повеќе од просечната возраст на сите „обични“ маратонци.