Њусом никако да го доврши мостот за пеперутки од 114 милиони долари

Калифорнија веќе четири години го гради големиот и веројатно најскапиот премин за диви животни „од планински лавови до пеперутки“ преку автопат и тој се уште не е поврзан со шумите. На гувернерот Гевин Њусом не му стаса првичната сума од 93 милиони долари за надвозникот, па од касата на сојузната држава доби уште 19 милиони. 

Гувернерот Њусом уште во 2022 година го промовираше „Валис Аненберг Вајлдфајлд“ како најголемиот премин за диви животни во светот – „од пуми до пеперутки“. Надвозникот што се гради преку 10 коловозни ленти е дизајниран да им овозможи на животните безбедно да го преминуваат автопатот и да го обноват биодиверзитетот, а притоа да не ги загрозуваат возачите и патниците.

Проектот требаше да биде завршен до крајот на 2025 година. Канцеларијата на гувернерот го одложи отворањето на надвозникот најрано до наесен годинава, девет месеци зад предвидениот рок.

Нови снимки од преминот со површина од вкупно 3.400 квадратни метри покажуваат дека главната структура е крената и дека е покриена со земја, зеленило и патеки, кои треба да ја имитираат природната околина.

Но, ниту едно животно моментално не може да го користи преминот, бидејќи тој не е поврзан со земја. Сè уште треба да се спроведат надземните далноводи под земја и да се постави бетонска потпора длабока десетици метри.

Првичната цена на проектот беше 93 милиони долари, но оттогаш се искачи на 114 милиони долари, објави „Лос Анџелес тајмс“. Сојузната држава издвои 50 милиони долари, а пред еден месец Комисијата за транспорт на Калифорнија одобри уште 18,8 милиони долари за проектот. Според досегашната пресметка, околу 77 милиони долари од трошоците за изградба ќе покрие сојузната држава, а остатокот е од приватни донатори.

Преминот за диви животни Аненберг е амбициозен проект. Тој го премостува јазот помеѓу заштитата на природата и урбаниот развој и ќе овозможи и луѓето и животните да напредуваат со генерации, соопшти гувернерот Њусом.

21 март 2026 - 11:12