Научници бараат да го разнесеме 2024 YR4 со атомски бомби

НАСА пред три години намерно удри вселенско летало во мал астероид и му ја измести траекторијата за да открие дали со таа техника може да ја заштити Земјата од вселенски карпи. Научници сега бараат уште порадикална акција – со нуклеарни бомби целосно да се уништи големиот астероид 2024 YR4, кој е насочен кон нашата планета, иако е мала веројатноста дека ќе ја погоди.

Кога лани беше откриен, астероидот 2024 YR4 предизвика тревога меѓу астрономите и одделението на НАСА за планетарна одбрана. Центарот за идентификување и следење објекти што поминуваат близу Земјата ги процени на за нив високи 2,3% шансите дека астероидот може да ја погоди нашата планета во декември 2032 година. Со попрецизно следење на траекторијата, шансите за директен удар се намалија на незначителни 0,00081%, но на 4% се зголеми ризикот од удар во Месечината.

Астероидот по медиумите го нарекуваа „убиец на градови“ поради проектираниот уништувачки потенцијал ако тргне по ситниот промил од веројатноста. Опасен би бил и неговиот удар во Месечината, бидејќи ќе исфрли карпи што ќе ги загрозат астронаутите и сателитите.

Нова научна студија, која се уште не е рецензирана од експерти на НАСА, сугерира дека најефикасната одбрана не е поместување на 2024 YR4 од патеката, туку негово целосно разнесување.

Астероидот е со дијаметар од над 60 метри и маса од 20.000 тони, поради што не е возможно да се измести со кинетички удар на летало, како при мисијата DART на НАСА спроведена пред три години на многу помала карпа. 

Како единствено ефикасно решение се предлага „кинетички робусна мисија за нарушување“ со нуклеарна детонација. Планот вклучува лансирање на две летала со нуклеарни направи од по 100 килотони, пет до осум пати помоќни од бомбите фрлени врз Хирошима и Нагасаки. Заради гарантиран успех на мисијата, се предлага и лансирање трето резервно летало со нуклеарна бомба. Детонирањето на две бомби би било доволно за да го разбие астероидот на помали парчиња, кои не би претставувале закана.

За да се пресретне 2024 YR4 на време, би требало да се спроведе извидувачка мисија по 2028 година. Леталата со нуклеарни бомби би биле лансирани во периодот помеѓу 2029 до 2031 година, за да се обезбеди тесен, но одржлив временски период за дејствување.

Засега е малку веројатно дека НАСА или некоја приватна вселенска компанија би се нафатила на толку сложен и скап предизвик во ограничено време. Администрацијата на Доналд Трамп веќе ѝ наметна буџетски ограничувања на НАСА, која поради тоа мораше да откаже веќе планирани мисии.

Од друга страна, спроведување на мисијата, дури и со делумна ефикасност би ја зајакнале довербата дека Земјата има шанси да се заштити од астероиди, кои и порано ја удирале, со катастрофални последици. 

******
Види и: 2024 YR4. Уште тој ни фали

23 септември 2025 - 12:49