Локацијата не е некаде во вселената туку на дното на океаните на планетата Земја. Истражувачот Виктор Весково и научникот Алан Џејмисон од Универзитетот во Њукасл, во декември ќе се нурнат во првата мисија да се истражи дното на сите пет океани на планетава.
На длабочини можеби поголеми од 11 километри ќе ги носи 48 милиони долари вредна подморница целосно изработена од титаниум. За ѕиркање ќе има само три мали прозорчиња големи колку дланка бидејќи Весково не верува многу на стакло на длабочини на кои притисокот е 800 пати поголем отколку на површината.
На дното на секој океан осум месеци ќе шпартаат со вклуен 3Д сонар и ќе се обидат попрецизно да ги мапираат дната кои сега ги претпоставуваме само врз основа на сателитски снимки. Се проценува дека за 45% од најдлабоките површини на океаните, не знаеме баш многу.
До сега најдлабоко имаат одено Жан Пикар и Џон Волш во 60-тите години и екипата на режисерот Џејмс Камерон кои во 2012 година отидоа до Ровот Маријана на западен Пацифик, длабок речиси 11 километри, што е повеќе надолу отколку што е Монт Еверест нагоре.
Весково и Џејмисон се надеваат дека ќе најдат и подлабока кота бидејќи сателитските снимки не се најпрецизни. За едно место во Индискиот океан имаат утнато цел километар длабочина.
*****