Кинески богаташи штанцаат наследници од сурогат мајки во САД

Инспирирани од Илон Маск, кој има „легија“ од најмалку 14 деца, кинески тајкуни ги користат лабавите закони за сурогат мајчинство и ин витро оплодување во САД за да создадат големи семејни династии. Еден се пофалил дека потрошил десетици милиони за да стане генетски татко на сурија од повеќе од сто деца на кои ќе им ја остави компанијата во наследство.

САД станаа голем пазар за богати Кинези што сакаат да си ги прошират семејствата со наследници, бидејќи сурогат мајчинството е законски забрането во нивната земја. Ова може да си го дозволат само мал број бизнисмени. Процедурата чини по околу 200.000 долари од дете, од испораката и чувањето на генетскиот материјал, преку лабораториското оплодување до бременоста и раѓањето.

Сју Бо, повлечен кинески милијардер кој се збогатил со програмирање видео-игри, тврди дека има над сто деца родени преку сурогати. На социјалните мрежи објавувал дека сака неговото потомство да се ороди со децата на најбогатиот човек во светот, Илон Маск, кои исто така се од сурогат мајки. Директорот Ванг Хуиву наводно ангажирал американски манекенки како донатори на јајце клетки за да има 10 ќерки, кои планира да ги омажи за „моќни и влијателни мажи“.

Натан Жанг, основачот на мрежата на клиники за плодност IVF USA, вели дека некои од неговите „лудо богати“ кинески клиенти сакаат да имаат стотици бебиња родени во Америка. Децата родени во САД автоматски добиваат американско државјанство, согласно 14-тиот амандман, кој претседателот Доналд Трамп сега го оспорува и сака да го укине.

Жанг одбил кинески бизнисмен што му нарачал повеќе од 200 деца „одеднаш“. Друг имал „нарачка“ од 100 деца, која ја распоредил во повеќе клиники, за да не го одбијат.

Илон Маск им е главен модел. Исто како него, сакаат да создадат незапирлива семејна династија, вели Жанг.

Сенаторот Рик Скот од Флорида во ноември поднесе предлог-закон за забрана на сурогат мајчинство во САД за странци, вклучувајќи и Кинези. Како повод, тој ја наведе актуелната федерална истрага за трговија со луѓе за кинеско-американска двојка од Лос Анџелес која има повеќе од 20 деца, речиси сите родени од сурогат мајки во изминатите четири години.

Аманда Трокслер, адвокатка за сурогат мајчинство од Лос Анџелес, изјави дека нејзината фирма одбила Кинез кој сакал да стане татко на 8 до 10 деца и побарал попуст.

Ние не сме супермаркет, му одговорила Трокслер.

19 декември 2025 - 15:17