Каубојски грабежи на Дивиот Запад, верзија 2025

Бандити поставуваат заседа, се качуваат на возот, ја запираат локомотивата во пуст дел на Аризона и бегаат со полни торби плен. Само што не е 1875, туку 2025 година. Бандитите не јаваат коњи туку возат камиончиња. Пленот не се сефови полни со пари или злато,  туку патики. Илјадници скапи „најки“.

За помалку од една година, на каубојски начин биле нападнати десет воза во Аризона и во Калифорнија. Бандитите заминале со плен вреден 2 милиони долари. Приведени се повеќе од 60 луѓе, но грабежите продолжуваат.

Пљачкашите работат брзо, прецизно и координирано како саат. Сè се случува молскавично. Го чекаат возот во зафрлени места, на кои може да се стигне само со хеликоптер.

Федерален агент објаснува дека грабежот почнува уште пред возот да тргне. Бандитите ги прегледуваат контејнерите и ги избираат оние со вредна стока, како електронски уреди или патики „најк“. Се качуваат на возот додека чека на семафор или на сервисен колосек. Кога ќе тргне, се префрлаат до обележаните контејнери и ги отвораат со моторни пили и со клешти. Ако најдат нешто вредно, го префрлаат во кутии, чекаат да стигнат до пусто место, ги сечат цревата за сопирачките и возот автоматски запира. Доаѓаат камиончиња, ги собираат пакетите и бегаат.

Машиновозачите не се вооружени и имаат препорака да не даваат отпор. Единствено можат да повикаат „911“.

Бандитите што на 13 јануари опљачкале воз во северна Аризона не знаеле дека во кутиите со патики имало поставени електронски бубачки за геолокација. Брзо биле пронајдени два камиона со 1985 чифта патики „најк“ од новите колекции „Ер Џордан 4“ и „Бајк Ер“, кои дури на пролет треба да бидат испорачани по продавници. Пленот е проценет на 440.000 долари. Два дена подоцна, повторно биле ограбени „најки“ во вредност од 410.00 долари. 

Уапсен е само еден водач на банда, Фелипе Авалос-Мехија, кај кого биле пронајдени повеќе од 100.000 долари во кеш, украдена стока во вредност од 3 милиони долари и детални списоци со пакетите и возовите во кои биле натоварени. 

27 февруари 2025 - 19:14