Шмркањето кондом е една глупоштина во која - ако сте идиот - го увлекувате кондомот преку ноздрва а го извлекувате од уста. Нормално, се работи за одвратна и опасна работа бидејќи кога имате физичка пречка во двата органа кои помагаат во дишењето, можно е да имате проблем со дишењето, а продолжен проблем со дишењето се вика гушење.
На многумина им се чини дека се работи за нов Јутјуб тренд, но, не е. Сајтот Сноупс кој се бави со проверка на факти покажува дека повеќето видеа на таа тема се направени уште во 2013 година. Сегашното вирално оживување на глупоста е резултат на желбата да се изведе политичка поента за актуелна тема: контрола на оружјето.
Накратко, главната поента на американските љубители на оружје е: Овие (младиве) што шмркаат куртони, они нам ќе ни го земаат оружјето?
Со други зборови, некои влијателни поборници на слободното поседување оружје посакаа со потенцирање на опасните и безвезни трикчиња кои некогаш фаќаат корен кај младите, да ги дискредитираат поентите на младите активисти кои ја покренаа кампањата против оружјето #NeverAgain, како реакција на последното масовно убивање во Паркленд, Флорида, во февруари.
Дечко кој постирал такво видео пред 4 години, деновиве бил изненаден од ненадејниот енормен скок на прегледите, за брзо да сфати од каде доаѓа интересот.
„Бев преплавен со стотина коментари од ентузијасти за оружје. „Ти ли ги генерацијата која ќе ни забранува оружје“ и слично. Јас сум од Канада, политиката не ме интересира а се најдов сред дебата која не ја разбирам“, вели дечкото.