Како пиратите го украдоа метричкиот систем

Денешната тврдоглавост на Американците во однос на користење на империјалниот систем на мерки наспроти метричкиот, не е ништо во споредба со состојбата во земјата во времето на Томас Џеферсон кога дури и различни сојузни држави во рамите на САД користат различни мерки.

Еден од најголемите проблеми од хаосот што го наследува тогашниот Државен секретар, Томас Џеферсон, е што различните мерни системи сериозно ја отежнуваат секоја форма на трговија и соработка меѓу сојузните држави.

За Џеферсон решението е обединување на целата држава под единствен систем, и по негово инсистирање тоа треба да биде под еден нов систем што во тој период е развиен во Франција - метричкиот.

Тој службено им се обраќа на Французите кои решаваат во САД да го испратат научникот Џозеф Домби, кој со себе носи мал бакарен цилиндер со рачка на горниот дел. Предметот е висок 7,62 сантиметри, тежи еден килограм и треба да послужи како стандард за мерење тежина.

При преминувањето на Атлантикот Домби заглавува во огромна бура која го исфрла неговиот брод кај карипските острови.

Во тоа време главни негативци кај Карибите се британските пирати, кои функционираат како аутсорс на британската влада. Нивна задача е попречување на трговијата и бродскиот транспорт што доаѓа од сите други држави.

Пиратите наидуваат на бродот на Домби, го ограбуваат, а научникот како заложник го носат на островот Монсерат, во надеж дека ќе добијат откуп за него. За несреќа на пиратите, и уште повеќе за Домби, Французинот умира додека е во затвор.

Предметите (меѓу кои и тегот) што ги носи Домби ни најмалку не ги интересираат пиратите па истите се продадени на аукција заедно со остатокот од пленот од бродот.

Сепак Американците некако успеваат да се докопаат до тегот, и него преку повеќе раце по некое време го купува извесен Ендру Еликот. Тегот останува во семејството Еликот до 1952, кога тие решаваат да го подарат на американскиот Национален институт за стандарди и технологија.

30 декември 2017 - 15:15