ЈП „Кози и зеленила“

Ни со косилки, ни со тримери ( со она дражесно пластично шише бензин опашано на појас), еден американски град реши да ја кастри тревата во градскиот парк со рентани кози. Да чуе Колишевски, да се преврти во гроб.

Гратчето Гвинет во сојузната американска држава Џорџија изнајмило 41 коза за средување на вегетацијата во градскиот парк. Во комплетот доаѓаат и две кучиња со официјална функција „назначени чувари“. Тие и човечката продружба ќе треба да се погрижат најмените тревопасни работнички да го брстат само што треба да биде брстено.

Оваа услуга ја нуди една компанија со име „Get your Goat“ која на домаќинства и институции им изнајмува кози за средување на вишокот вегетација. Ја користеле и други паркови како и училишта, општини и семејства. Властите во Гвинет сакале да бидат регионален лидер во „систематски напори за одржливост“ па го најмиле стадото на пет недели. 

Козата е ефикасен пасач кој може да собере и преработи околу 6 килограми трева на ден. Единствен проблем и е што не е пребирлива па попат уништува и млади фиданки што нè враќа на времето на Колишевски, пошумувањето на Македонија и контроверзниот козоцид кој во тоа име е направен.

 

19 април 2018 - 12:46