Илјадници Британци добиле погрешни казни за пребрзо возење

Поради грешка во софтверската надградба, стотина сообраќајни камери низ Британија погрешно идентификувале најмалку 2.650 случаи на пребрзо возење во изминатите пет години. Сега се прават напори да им се поништат паричните казни и одземените бодови на возачите. Многу потешко ќе биде да се врати довербата во системот за казнување.

Националните автопати на Британија отворија истрага за функционалноста на стотина сообраќајни камери, за кои се смета дека погрешно пријавуваат случаи на надминување на „варијабилната“ дозволена брзина на автопатите. Овие камери опфаќаат околу 10% од системот за регулација поставен на автопатите и главните патишта од категоријата А.

Дефектот бил предизвикан од неуспешна надградба во 2019 година, за која Националните автопати признаа дека можеби резултирала со две години потенцијално погрешни казни.

Има сомневања дека неточното временско координирање помеѓу знаците за променлива брзина и поставените камери не им остава доволно време на возачите да реагираат на ограничувањата. 

Ограничувања на брзината генерално се одредуваат со дигитални знаци што се менуваат. Тие автоматски треба да испратат сигнал до камерите со задоцнување од околу 10 секунди за да можат возачите да се прилагодат на новото ограничување.

На овие конкретни камери, тоа задоцнување не постоеше - па секој што поминувал по промена на брзина од 70 на 50 на час веднаш бил регистриран, изјави Доминик Смит, адвокат за сообраќајни прашања.

Камерите за променлива брзина првенствено се наоѓаат на „паметните“ автопати и се користат за „динамички ограничувања на брзината заради управување со застои“.

Кога ќе добиете казна за прекршок, добивате многу агресивно писмо со барање да се плати 100 фунти или да се оди на суд. Никој со здрав разум не би сакал да оспори казна за прекршок, па стотици илјади потенцијално прифатиле неправедна казна. Владата официјално порачува „почекајте да бидете контактирани“. Мојот совет е да ја контактирате полицијата ако имате каков било случај. Не знаеме што прави полицијата. Можеби испраќаат писма на стара адреса“, препорачува адвокатот.

Министерството за транспорт соопшти дека ќе бидат поништени сите погрешно изречени казни, но отворено е прашањето дали оштетените возачи може да тужат.

Што ако некој веќе имал девет поени на дозволата и добил забрана од шест месеци? Што ако ја изгубил работата? Што е со користењето такси? Тие молчат за обесштетувања. Ова нема да биде последен пат што ќе слушаме за тоа. Тоа ја поткопува довербата, предупредува Смит.

23 јануари 2026 - 08:30