Приказната за овој психолошко - маркетиншки феномен започнува со една добро позната анегдота од 50-тите години на минатиот век. Во потрага по свежи идеи како да ја зголемат продажбата на нивната инстант смеса за колачи, компанијата Генерал Милс го најмува психологот Ернест Дихтер, таткото на мотивационите истражувања. После експериментирања со фокус групи, Дихтер им го дава веќе легендарниот предлог:
Сменете го рецептот. Наместо јајца во прав кои ги има во смесата, кажете им дека е потребно да користат свежи јајца. Печење колачи со инстант смеса е прелесно и го потценува „авторството“ на оној што ги пече. Дајте му повеќе „сопственост“ на вашиот корисник во крајниот резултат.
Отприлика, тоа е суштината на овој модел на продажба која се темели на идејата дека човек повеќе ги цени работите во чие создавање вложил свој личен напор и труд. Се разбира, феноменот веќе со децении е поврзан со шведскиот гигант Икеа која го има развиено овој систем на производи кои купувачот ги составува па кога човек ќе си ја види масата готова, на неа е горд како сам да го сечел дрвото во шума.
Во игра се неколку психолошки тригери (ефектот на награда, оправдување на напорот, лична поврзаност со брендови) а на темата се изведени и неколку истражувања и студии. Во една од нив се испитувала перцепцијата на вредноста на составени производи на Икеа, оригамија и Лего конструкции. Потврдено е дека човек повеќе ги вреднува и повеќе е спремен да плати за оние финални производи кои самиот ги составил. Механизмот има и свои лимити; кога учесникот вложил премногу време во составување на креацијата или кога не успеал да ја заврши работата, неговата подготвеност да плати за неа опаѓа.
Да ги оставиш муштериите да обават дел од работата за на крај да се чувствуваат горди на тоа и притоа да имаат чувство дека добиле поголема вредност за дадените пари и денес е свет грал на многумина. Со тоа може и да се објасни фактот дека наместо „готово за користење“ производите, денес сè попопуларни се производите „готово за правење“, На пример “ready-to-create” оброците кои се состојат од спакувани сирови производи кои човек треба да ги зготви. Маркетинг истражувачите Нилсен проценуваат дека до крајот на 2019 година, еден милион австралиски домаќинства ќе користат вакви оброци.