И на кинески владици знае да им лепи рачето

Храмот Шаолин, родното место на зен будизмот и на кунг-фу, повеќе од 1.500 години бил центар на спокојство и телесна дисциплина. Светската слава што му ја донесе кунг-фу филмот на Џет Ли привлече туристи, но ги урна вредностите и му ги отвори апетитите на главниот монах. Чуварот на моралниот компас е сменет поради злоупотреба на парите од храмот, а не му ги простуваат ни љубовниците.

Ши Јонгсин, главен монах во храмот Шаолин уште од 1999 година, во понеделникот беше разрешен по обвинувањата дека злоупотребувал средства на храмот за да води приватни бизниси. На негово место е назначен Ши Јинле, досегашен главен монах во храмот Белиот коњ.

На Ши Јонгсин му ги бришат сите досегашни заслуги и привилегии. Одземени му се будистичките акредитиви и блокирани се сметките на сите компании поврзани со неговото име. Будистичката асоцијација поддржа темелна истрага и побара најстрога казна за Ши, кого медиумите веќе го опишуваат како „директорот“ или „плејбојот“.

Злоупотребите на Ши се тежок удар за имиџот на монасите и за репутацијата на будизмот воопшто. Никој не е над законите ниту над моралните стандарди на верата, објави асоцијацијата.

Кинеските медиуми полека ја отплеткуваат бизнис-империјата на Ши. Тој регистрирал осум компании и управувал со уште 17 други фирми, главно академии за кунг-фу и центри за традиционална медицина. 

Иако секој монах во Шаолин се обврзува на целибат, Ши е обвинет дека имал „долгорочни несоодветни врски“ со неколку жени и дека е татко на вонбрачни деца. Со ова не нарушил граѓански закони, но ваквото однесување е длабоко неприфатливо за строгата монашка дисциплина.

Навидум живеат испоснички, но монасите во Шаолин контролираат огромни суми пари. Ракоположен во 1981 година, контроверзниот „директор“ ја презеде целосната контрола врз Шаолин во 1999 година, трансформирајќи го од манастирски комплекс што се распаѓа во мултимилијардерски глобален бренд.

Ши беше критикуван и во 2015 година, кога објави план за изградба на хотелски комплекс од 297 милиони долари во Австралија, сосе академија за кунг-фу и терен за голф. Проектот пропадна откако анонимен монах го поткажа дека има љубовници и луксузни автомобили. По истрагата, Ши се извлече со казна за двојна регистрација на имот.

Локалното население, кое живее од туризмот, не е изненадено од разрешувањето на Ши. 

Монах е професија како и секоја друга. Шаолин се нарекува храм, но повеќе е туристичка атракција, вели локалниот таксист Гао.

31 јули 2025 - 13:19