Длабоко во пејсажите на источна Германија, постои една невидлива граница. Од крошните на дрвата ѕиркаат портите на еден импозантен замок. На влезот од замокот постои знак што ги известува сите што ќе наминат, дека, тоа е влез во нова земја.
Кралството Германија („Königreich Deutschland“) е самопрогласена независна држава која има свои пари, издава посебни лични карти и вее знаеме инакво од германското. Ако „жену дупе краси, а торту ораси“ тогаш логично е кралството да има и свој крал, крунисан со пригодна церемонија пред цела една деценија. Господинот со световно име Питер Фитсек, инаку, Крал Петар. Први, нормално.
Тој е еден од околу 21.000 лица кои не го признаваат легитимитетот на пост-воена Германија. Станаа познати неделава, по апсењето на 25 лица во рација на осомничени обвинети за планирање на упад во Рајхстагот и рушење на владата.
Петар Први демантира дека имал такви насилни планови. Но, тврди дека германската држава е „деструктивна и болна“.
„Немам интерес да бидам дел од овој фашистички и сатанистички систем“, вели тој.
Кралот ја дочекал екипата на Би-би-си во просторија со плишани фотељи и раскошен лустер, кои не се царски одаи туку телевизиско студио. Во духот на времето, крал Петар сака да почне своја телевизија, а еден од неговите поданици го снимал гостувањето на потенцијално конкурентска новинарска екипа.
Во минатото се кандидирал за градоначалник и за пратеник во Рајхстагот, но откако не успеал да ги оствари овие амбиции, бил приморан да основа кралство.
„Корумпираните, криминогените и оние што сакаат да бидат злоупотребени, тие луѓе напредуваат во германскиот систем. Оние со чисто срце, оние кои сакаат да го променат светот на подобро, во интерес на општото добро - немаат никакви шанси“, ламентира кралот.
Фитсек неколку пати е казнет за банални причини (возење без важечка дозвола) но одлежал и неколку години затвор заради наводна проневера на пари за што подоцна се утврдило дека е неточно.
Разузнавачките служби признале дека го следат последниве две години затоа што го сметаат за закана за државниот поредок и теоретичар на заговор со екстремистичка идеологија.
Првиот човек за односи со јавност на Кралството Германија, неодамна доселениот семеен човек Бењамин, не е потресен од ваквите обвинувања. „Секој што размислува со своја глава, денес е во ризик да биде прогласен за теоретичар за завери“.
Кралот очекува поданиците да му се намножуваат, па купува земјишта по Германија. Вели дека неговиот плебс не мора да плаќаат германски даноци и да ги праќаат децата на училиште, што во Германија е забрането. Комшиите на припадниците на кралството немаат проблем со нив, само што им е нефер да не плаќаат даноци.
Долги години овие луѓе беа тема за национален мајтап. Германците сфатија дека сепак треба да си сфатат малку посериозно.