Фрижидери колку сакаш, ама, мажи нема

Хроничниот недостаток од пристоен „материјал за мажење“ на брачните пазари на Запад, ги тера жените на очајнички обиди за зачувување на својата плодност. Ги замрзнуваат своите јајце клетки во надеж дека ќе дојдат некои подобри времиња. 

Првата глобална студија за замрзнување на јајце клетки открива дека оскудацијата од асални мажи е примарна причина заради која жените се решаваат на ваков чекор.

Студијата е на престижниот Јејл и сведочи дека во последниот период се имаат случено  драматични  демографски промени кои креирале дефицит на образувани мажи а вишок на жени со професии, откако во многу западни земји бројот на жени кои завршуваат факултет го има надминато бројот на мажи со високообразовни дипломи.

Истражувачите дознале дека во преку 90% од случаите, жените се решаваат да замрзнуваат свои јајце клетки за да си купат екстра време, бидејќи за оплодување не гледаат решение во актуелната трпеза мажјаци.

Оваа студија го разбива митот за „себичните жени од кариера“ кои го жртвуваат мајчинството во име на професионалниот напредок. Едноставно, нема пристојна понуда (а да им прилега на статусот, јелда).

Моменталниот дисбаланс на брачниот пазар на образувани луѓе некои го опишуваат со онаа камперска игра со столчиња. Жените вртат во круг а кога ќе дојде моментот, сфаќаат дека секогаш има столче помалку.

5 јули 2017 - 22:55