ФБИ потрошило две години на смртта на Трент Резнор

На Трент Резнор, мастермајндот и архитект на бучните и добри Nine Inch Nail не му фалат ставки во неговата долга кариера: од средношколските бендови до депресијата која го пукнала кога починала баба му која го одгледала. Една од најчудните е неговата вмешаност во мистериозно убиство со кое се мачело ФБИ: неговото.

Во 1989 година, фармер од Мичиген забележал чуден објект како лебди над неговиот имот. Дошол во посед и сфатил дека се работи за метеоролошки балон на кој е прицврстена камера Супер 8. Локалните фармери знаеле дека полицијата ги надгледува за одгледување марихуана, па им ја предал снимката на властите.

Бидејќи камерата не била нивна, полицајците ја развиле видео снимката (да, така се правеше тоа некогаш) и откриле нешто шокантно па веднаш повикале ФБИ.

Филмот прикажувал нешто што изгледало како мртво машко тело на улица, со двајца мажи над фигурата. Како што камерата се крева на небото, се открива и трета фигура која бега од местото на настанот.

Во ТВ прилог од 1991 детектив изјавил дека луѓето на снимката носат „специфични униформи“: црни панталони, некој вид кожни јакни со дизајн и борбени чизми. Заклучил дека најверојатно се работи за пресметка на банди.

ФБИ и полицијата долго биле збунети, и зошто банда би го снимала ова и за кои банди всушност се работи бидејќи знаците на јакните не можеле да ги поврзат со некоја од познатите банди од Мичиген и пошироко.

По долго време, во напад на очај, ФБИ решил да сподели кадри од видеото со јавноста. Иако ризичен потег, се исплатело.

Студент по уметност го известил ФБИ дека на сликата што ја видел на нивниот флаер е Трент Резнор од Nine Inch Nails. Понатаму беше откриено дека снимката најверојатно потекнува од спотот за нивниот сингл Down In It, кој студентот неодамна го видел на МТВ.

Човекот од видеото не само што беше жив, туку и сертифицирана рок ѕвезда.  Откако стапиле во контакст со Резнор ја склопиле приказната: бидејќи работеле со мал буџет, бендот користел метеоролошки балони наместо кран за да добија снимки „од високо“.

„Се фрапирав кога подоцна дознав колку детективи и полицајци работеле на мојот случај. А кога ми се јавија, инсистираа лично да дојдам и да докажам дека сум жив,“ вели Трент Резнор за славното ФБИ.

Еве го спотот:

 

17 јуни 2023 - 12:36