Ваквата обзнана пред светот Маск ја дава по повод судскиот спор против него за клевета, во врска со ланскиот твит дека британскиот спасувач, кој помогна во вадењето на децата од пештерата во Тајланд, е педофил.
Да, Маск и понатаму е 38-ми на листата на најбогати луѓе на планетата, да, тој и понатаму има лично богатство од 23,6 милијарди долари, меѓутоа сето тоа се базира на неговите удели во компании како Спејс Икс и Тесла, а не на количината пари во готово со која располага.
Притоа тој не планира да продаде ништо од акциите што ги поседува.
По таа основа тој на сведочење под заклетва изјави дека е финансиски неликвиден.
Минатата година, во драмата околу тајландските фудбалери заробени во пештера, Маск ја понуди својата помош за вадење на децата. Кога децата беа извадени во акција во која учествуваше нуркачот Вернон Ансворт, тој го нарече спасувачот „педофил“, а подоцна во меил до новинар на Базфид го надополни ова се „силувач на деца“. Претпоставката е дека ова го прави затоа што не успеа неговото решение.
Кога Маск проба да се извади дека коментарот за педофил го кажал на шега, тој беше потсетен на подоцнежните мејлови што ги испраќа до новинарот на Базфид.
Тимот на Ансворт го нарече Маск „милијардер со тенка кожа кој е опседнат со својот имиџ во јавноста и има минато на одмаздништво и намерно игнорирање на вистината за да го одржи својот ПиАр креиран имиџ.“