Опа-цупа, ама не у кревету

Душек што ги чува семејните вредности

Откако ги впрегна сите сили за да го олесни неверството, сега технологијата врти накај конзервативно - измислува душек што детектира дали некој правел безобразно во вашата сопствена постела додека не сте биле дома.

Шпанска компанија го промовираше „Смартрес" кој во себе вклучува „систем на детекција на љубовници", односно скриени улстрасонични сензори вградени во федерите, кои реагираат кога креветот се користи за поинтензивни физички активности.

Овој пронајдок се надоврзува на вебкамерите кои се синхронизираат со вашиот мобилен, или апликациите кои на далечина ја следат активноста на партнерот/ката на социјалните мрежи. Сега ако некој е активен на душекот ќе добиете известување на мобилниот, преку кое можете да го следите траењето и интензитетот на „настанот".

„Смартрес" официјално беше промовиран минатата недела, со видео кампања која предупредува на глобалното ширење на неверствата. Изгледа како пародија, но не е.

Во душекот има „матрикс" од 24 сензори и алгоритамски систем кој детектира интензивно движење. И сето тоа звучи фино, само имаме неколку амандмани:

- Камо сензори за подот во дневна, парапетите во работна, лавабото во кујна?
- Брачниот кревет е малку незгоден за во него да легнеш градинар или автомеханичар, иди после објасни ја сета прљавштина. Позгодно е директ во туш кабина
- Ако интензитетот и траењето на „инцидентот" е над просекот на вашите вообичаени активности, тогаш може да ви послужи како „бенчмарк" кон кој треба да се стремите.

Или просто, шекспировски да го задушите вашиот сакан со - перницата. 

21 април 2016 - 15:53