Во анкета на платформата Дизер и агенцијата Ипсос, од близу 9.000 луѓе во САД, Канада, Бразил, Британија, Франција, Германија, Холандија и Јапонија било побарано да слушнат песни и да кажат дали се генерирани од вештачка интелигенција. Само 3% имале доволно остро уво за да направат разлика, а другите 97% го утнале правилниот одговор.
Повеќе од половината анкетирани изразиле загриженост дека многу скоро етерот ќе биде преплавен од вештачки песни. Огромно мнозинство од 80% побарале музиката создадена од алгоритми јасно да биде означена како вештачка, а 45% побарале платформите да нудат алатка за филтрирање.
Резултатите од анкетата јасно покажуваат дека на луѓето им се важни и музиката и авторите. Не можат да препознаат, но сакаат да знаат дали слушаат песни создадени од луѓе, вели директорот на Дизер, Алексис Лантерние.
Првиот голем пробив на вештачки создадената музика го направи групата „The Velvet Sundown“ чии песни беа преслушани повеќе од милион пати на платформата Спотифај пред да се открие дека целиот проект е генериран од алатка со ВИ. Музичари уште тогаш побараа јасно да биде етикетирана употребата на вештачка интелигенција во песните. Спотифај во септември најави нов индустриски стандард, но песните на The Velvet Sundown сè уште не се обележани како вештачки.

Дизер тврди дека секој ден добива по 50.000 нови генерирани нумери и дека тие сочинуваат 28% од содржината што им ја нуди на корисниците.
Нема сомнение дека музиката генерирана од ВИ ќе има големо влијание врз егзистенцијата на уметниците и на музичкото творештво. На информатичките гиганти не треба да им се дозволи да ги обучуваат своите модели на материјал заштитен со авторски права, изјави Лантерние.
Се очекува поголема поддршка од институциите. Во Германија пред неколку дена имаше судска пресуда дека Опен АИ го прекршила законот за авторски права со тоа што обучувала свои модели Чет ГПТ со текстови од песни.
Американските студија Universal Music Group, Sony и Warner Records лани поднесоа тужба за авторски права против Suno и Udio - популарни стартапи за генерирање музика со ВИ. Но, пред две недели Universal објави дека постигнал вонсудска спогодба со Udio и сега соработува со стартапот за да создаде нова алатка, обучувана исклучиво од музичкиот каталог.
Спотифај ја користи ВИ за да го оптимизира алгоритмот на платформата, но и за услуги како „ВИ диџеј“ – генериран радио-водител што ги најавува следните нумери во сетот за корисниците.