Дронови ќе патролираат во училишта низ САД

Во обид да се спречат зачестените пукања во училишта низ САД, ќе бидат тестирани дронови дизајнирани рано да откриваат напади и итно да интервенираат без употреба на огнено оружје. Летечките патроли ќе се активираат 5 секунди по тревогата. Управувани од пилоти од Тексас ќе дејствуваат со сирени или солзавец за да ја смират ситуацијата пред да интервенира полицијата.

Пилот-програмата за зајакнување на безбедноста од февруари ќе биде тестирана во десетици јавни и приватни училишта во Колорадо, Тексас Флорида и главниот град. Гувернерот на Флорида, Рон Десантис веќе издвои 557.000 долари за учество на три окрузи во програмата. Во училиштата во оваа сојузна држава по 2018 година имало повеќе од 60 инциденти со пукања.

Компанијата Campus Guardian Angel веќе изработила 500 прототипи на дронови со димензии на кутија за чевли, тешки 2 до 3 килограми. 

Создаваме патроли за итни интервенции. Како да имате специјалци на готовс на паркингот, објави директорот, Џастин Марсон. 

Наставници ќе можат да активираат тивок аларм што крева тревога за тим во седиштето на компанијата во Остин кој во живо ги следи снимките од дроновите, може да ги управува и да активира безбедносни дејства додека одржува комуникација со надлежните службеници во училиштата. 

Контрамерките ќе може да ги одобри само овластен службеник од училиштето. Целта е итно да се реагира при напади, да се спречат смртни случаи и ранувања додека не интервенираат полициските одреди. 

Масовните пукања се најактивни во првите 120 секунди и повеќето веќе завршиле пред да пристигне полицијата. Ние мора да бидеме таму. Ако некој влезе во училиште со оружје, наша обврска е да реагираме 5 секунди по пријавата, да се соочиме со заканата за 15 секунди и да го онеспособиме за 50 секунди, вели Марсон.

Откако ќе биде идентификуван потенцијалниот напаѓач, дронот ќе му се приближи и со гласовна порака ќе го предупреди да го фрли оружјето. Ако заканата продолжи, протоколот налага активирање гласна сирена, исфрлање мали канистри со надразлив гас, а крајната опција е директно понирање на леталото во напаѓачот. Campus Guardian Angel тврди дека контролата на дроновите им е доверена на врвни пилоти – поранешни припадници на воени специјални сили, обучени за мисии за спасување заложници. 

Беспилотни летала се побезбедни, поефикасни и поевтини од училишен полицаец со огнено оружје, тврди компанијата. Дроновите би чинеле по околу 20 долари по ученик годишно, додека за физичко обезбедување од вооружено лице сумата е 220 долари.

Експерти за образование и психолози предупредуваат дека постојаното следење на учениците преку камери ја нарушува нивната приватност. Се укажува и на ризикот од контраефект – намерно да се предизвикуваат инциденти за да се активираат дроновите. 

18 ноември 2025 - 14:04