„На волкот му е дебел вратот оти сам си ја брка работата“ versus „Брат брата не рани, тешко кој го нема“.
или
„Кој рано рани, три среќи граби“ versus „Брза кучка слепи кучиња раѓа“.
Списокот на контрадикторни упатства за живот изнедрени од вековното народно искуство е долг и на прв поглед збунувачки. Но можеби ова е само одраз на многу поголема мудрост - дека во свет полн контрадикторности (кој освен тоа, денес и многу бргу се менува), доследноста во ставовите не само што не е препорачлива, туку може да биде и погубна.
„Развоен ментален склоп“ (growth mindset) e бизнис термин кој би требало да ја отслика способноста на поединец или на организација да се прилагодува на новите предизвици и околности. Додека да се биде неконзистентен во „обичниот“ живот често е предмет на остра критика и обвинувања за манипулација и „вртење капа“, во бизнисот тоа значи самоосудување на пропаст. Да се имаат предвид две понекогаш и крајно спротивставени идеи и да се одбере едната или другата во различни околности значи да се има вештина на критичко лидерство. Според оваа идеологија, просечниот менаџер се стреми кон конзистентност, но мудриот менаџер е навикнат да дејствува среде парадокси.
Ова може да се пренесе и во животот - моделирањето на мислењето и однесувањето така за тоа да обезбеди континуитет, можеби звучи примамливо заради едноставностa и призвукот на принципиелност. Но што ако работите се промениле, и старите идеи и однесувања веќе не се соодветни? Ќе се држиме до нив само заради некаков инает и за да не ни биде преречено дека сме недоследни?
Одрекувањето на парадоксалноста на животот нема да направи тој да стане „пологичен“. Без оглед колку веруваме дека нешто е вистина, отвореноста да се земе предвид и спротивната можност може да помогне да ги забележиме слабите точки во нашиот став. Живееме во толку поларизиран свет што е тешко да се замисли дека некој може да живее со две спротивставени мисли во себе. Но луѓето можат, и живеат така.
Всушност, како што покажуваат народните мудрости, ова и не е баш нова ситуација. Да не еволуирал и да не се прилагодувал на новите околности, „народниот гениј“ едноставно ќе исчезнел. И така ќе испаднел глуп.