Човекот кој го победи Господ во борење

Новинарска дилема е што да се прави кога ја имате само победничката страна на приказната а не и изјава од поразениот. А бидејќи додека добиеме изјава можеме да се изначекаме (дај Боже), одиме еднострано и неизбалансирано.

Зимбабве живо се забавува со приказната на еден локален пророк и неговата сензационална објава дека го победил Господ во дисциплината борење.

Иако веќе го знаете резултатот, приказната вреди и сама по себе.

Како што се доверил во еден локален медиум, пророкот Т Мадунгве бил во  редовна обиколка на рајот за да го надгледува неговиот територијален интегритет, кога случајно наишол на Господ. 

„Како врховен командант на небесните бригади бев во инспекција на територијата за да се осигурам дека нема натрапници. При таа обиколка го видов Господ и побарав да ме благослови, како што го стори тоа со Јаков. Но, тој одби и почна да бега. Почнав да го бркам и така започнавме да се бориме“, сведочи од прва рака Мадунгве. 

Пророкот тврди дека Господ пробал да го надмудри со познатиот боречки зафат „суплекс“ но овој го избегнал маневарот и го заковал противникот со прочуената „Бомба Батиста“.

Т вика дека неговата победа е чиста како солза и не може да му се оспори.

„Лежев врз него и еден од трите ангели изброи до три“, пренесува победникот.

Вели дека Господ подоцна успеал да се соземе, му се извинил, го благословил и „се молеше за мене најмалку 30 минути“.

Кому тоа му се молел Господ не објаснува ни пророкот ниту пак прозваниот кој деновиве е недостапен ко Дачиќ.

******

Суплекси:


 

Бомби Батиста:

22 август 2017 - 20:10