Барон Трамп во управата на ТикТок?

Додека неговите врсници го користат ТикТок за забава, Барон Трамп би можел да го управува. Најмладиот син на американскиот претседател би можел да биде вклучен во управниот одбор на ТикТок, како „израз на благодарност затоа што неговиот татко ја спасил платформата во САД“, но и за да ја приближи уште повеќе до новите генерации, оценува советникот на Трамп за социјални медиуми.

До сите тие млади луѓе на ТикТок, јас го спасив ТикТок и затоа вие сте ми должници, порача претседателот Трамп во својот прв пост на платформата откако ја потпиша извршната наредба за преземање од американски сопственици.

Џек Адвент, 22-годишниот поранешен менаџер за социјални медиуми на претседателот, ја поддржува идејата Трамп да го постави својот 19-годишен син на раководна позиција во ТикТок, за да ја приближи уште повеќе платформата до младата генерација.

Младите луѓе се во огромна мера главната корисничка база на ТикТок. Се надевам дека претседателот Трамп ќе размисли да го назначи својот син Барон, а можеби и други млади Американци, во одборот на ТикТок за да се осигури дека таа ќе остане апликација што младите луѓе сакаат да продолжат да ја користат“, вели Адвент, со прекар Тикток Џек.

Барон, кој студира на Универзитетот во Њујорк, неодамна се врати во Белата куќа. Според неговата мајка, првата дама Меланија Трамп, Барон имал „клучна улога“ за победата на Трамп на изборите во 2024 година. Тој му предложил на својот татко да гостува на подкастот на Џо Роган – настап што прилично му го крена рејтингот на Трамп.

Претседателот имаше комплициран однос со ТикТок во своите два мандати. Во првиот предупредуваше дека популаризирањето на кинеската апликација меѓу Американците ѝ овозможува на Кинеската комунистичка партија да добие пристап до лични податоци на американски граѓани. Трамп подоцна ја укина блокадата и дозволи да биде достапна се додека не се најде американска компанија што би ја купила и би била задолжена за нејзината верзија за американскиот пазар.

Тој сега потпиша извршна наредба со која им овозможува на американските сопственици пристап до лиценцирана копија од робусниот алгоритам за препораки на апликацијата.

Американските компании ќе поседуваат приближно 65% од американската верзија. ByteDance, фирмата што го создаде ТикТок, и другите кинески инвеститори ќе поседуваат помалку од 20%.

Групата американски инвеститори ќе ја предводи софтверската компанија Оракл на 81-годишниот мултимилијардер и републикански донатор Лари Елисон, а меѓу акционерите ќе бидат и медиумскиот могул Руперт Мердок и Мајкл Дел, извршен директор на Dell Computers.

14 октомври 2025 - 16:05