Роџер Вотерс со „fuck you“ за Закерберг

Закерберг „еден од најмоќните идиоти во светот“, по зборовите на фронтменот на Пинк Флојд, нема да може да користи песни од групата за рекламирање на Инстаграм.

Вотерс на еден неодамнешен настан во Њујорк организиран за ослободување на Џулијан Асанж, објави порака што ја добил од Фејсбук во која од него се бара дозвола, за неверојатна сума на пари, за користење на песната „Another Brick In The Wall, Part Two“ за филм што ќе го промовира Инстаграм.

„Ова е порака од Марк Закерберг за мене. Пристигна утрово со понуда за огромна, огромна сума за пари. И одговорот е еби се. Никако,“ изјавил Вотерс пред собраните на настанот.

Пред да се запраша како е можно човек што почнал со сајт за оценување на изгледот на девојките (првичната верзија на Фејсбук) да стане еден од најмоќните идиоти на светот, Вотерс објаснува:

„Тие сакаат да ја искористат песната за да го направат Фејсбук и Инстаграм уште поголем и помоќен од тоа што е, за да може да продолжи да нè цензурира сите нас во оваа просторија и да спречи приказната за Џулијан Асанж да излезе пред јавноста.“

16 јуни 2021 - 09:59