Во разговор за Ентертејмент викли, Сет Мекфарлан, кој ги водеше Оскарите во 2013, објаснува зошто луѓе не се нафаќаат на работата:
„Пази, ова е тезга што сите ќе ја следат. А кога правиш нешто околу кое има толку голем интерес и внимание, природно е дека ќе имаш голем број мислења од голем број луѓе. Се обидувам да ми текне кога последен пат сум прочитал рецензија за Оскарите што била пофалена од сите - тоа одамна се нема случено.“
Последните два Оскари ги водеше Џими Кимел, кој иако по дебаклот од 2017 (кога го утнаа победникот за најдобар филм) изјави дека повеќе нема да се врати, некако се премисли и пак водеше во 2018. На човекот треба да му се оддаде почит за тоа што решава да се врати на така неблагодарна работа.
„Проблемот со ваквите награди е општ, и се сведува на тоа дека е застарен формат. Ова е формат кој е актуелен како и вараети шоуа од 1950-те. Секогаш има напори тоа да се направи интересно и возбудливо за гледачи кои се навикнати на многу поразлична забава во модерната ера, и често пати се сведува на обиди да ставиш коцка во округла дупка,“ објаснува Мекфарлан.