Клиз веќе има и приближен датум за отселувањето, кое го најави за ноември. Човекот за Би-би-си објасни дека му е смачено од „лажењето и тривијалноста“ на британските весници. Тој посебно е вознемирен од „стандардот на дебати околу брегзит кој беше ужасен.“
Локацијата што ја има избрано Клиз се наоѓа на островот Невис, дел од Свети Кристофер и Невис.
Како долгогодишен симпатизер на Либерал демократите, Клиз е изразито гласен поборник на изборни и медиумски реформи во земјата.
Објаснувајќи ја разочараноста од медиумите Клиз во интервјуто за Би-би-си презентираше бројки од извештајот на ЕУ според кои Британија го има најниското ниво на доверба во печатените медиуми.
Иако во 2016 беше поддржувач на брегзит, токму „ужасните лаги од десницата“ за наводниот прилив на пари во британското здравство по напуштање на ЕУ се една од точките што го имаат крајно разочарано и му ја имаат одмилено целата кампања. Во исто време тој ги обвинува поборниците за останување во ЕУ дека за време на кампањата се користеле со тактики за заплашување на гласачите.
Што се однесува на Невис, Клиз изјавува „тоа е еден од најубавите острови на кои сум бил, односот меѓу расите е апсолутно извонреден. Луѓето се навистина фини.“