Јуда Искариотски е еден од најхејтаните ликови во последниве 2,000 години човекова историја. Но иако долго време го претставува ликот на ултимативниот предавник и битагна од буквално библиски пропорции, вистината зад неговата одлука, да им го предаде Исус на властите, е наводно покомплицирана.
Во нов документарец кој го подготвува Би-би-си, „По стапките на Јуда", кој премиерно ќе се прикаже на 25 март, се истражуваат теориите кои довеле до предавството и до подоцнежното самоубиство со бесење на Јуда.
Една од теориите е дека Јуда бил посветен револуционер, кој сметал дека со тоа што ќе го предаде Исус ќе ги поттикне масите на бунт против римското владеење во Јудеја. Тој е всушност трагична фигура, кој постапил онака како што постапил заради повисока цел. И другите апостоли биле само луѓе, и веројатно имале свои маани, но за нив немаме чуено. За разлика од Јуда, кој до моментот на предавството додуша не делува ништо подобро и ништо полошо од останатите.
„Исус им прости на оние кои му ставаа клинци во дланките, па нема причина зошто тој не би му простил", изјавил бискупот од Лидс, додавајќи дека „по малку и му е жал за Јуда", бидејќи неговото очекување за ослободителното востание кое требало да следи се изјаловило, а харизматичниот водач дозволил без отпор да биде распнат.
„Не е ни чудо што Јуда бил вознемирен откако планот му пропаднал. Но, без оглед на заклучокот кој ќе го извлечете од неговите постапки, во секој случај, сево ова време тој имаше лош ПР", додава бискупот.
Без разлика дали еден ден Јуда навистина ќе биде аболиран, наравоучението од неговиот живот останува непроменето. А тоа е: во секоја постапка да внимавате што правите, бидејќи луѓето ќе ве памтат по најлошата.