Во Италија работат 290 сертифицирани истерувачи на ѓаволот. Анкета на солиден примерок од 120 егзорцисти покажала дека тие дневно изведуваат меѓу 30 и 50 ритуали на бркање на ѓаволот од опседнати луѓе.
Понекогаш тоа знае да трае со часови, каков што е примерот кој за Тајмс оф Лондон го раскажал отец Џузепе Бернарди. Му била побарана помош за една хистерична жена која во црква секогаш одлепувала: скокала по клупите, навредувала свештеници и ги пцуела на странски јазици, меѓу другото и на латински. Особено морничаво е тоа што жената притоа менувала три различни гласа.
Татко ѝ верувал дека ќерката ментално не е „под винкла“ но мајката била убедена дека е опседната од Сатаната. Бернарди се консултирал со психолог по што решил сепак да проба да ја заузда. Сервисот траел цели девет часа а Бернарди вели дека жената сега е ок.
Но криво му е што не добил никаква поддршка од црквата. Недоволното ценење на нивниот труд и немањето асистенција од црквата, на пример да се обезбедат соодветни психолози, генерално ги фрустрира сите негови колеги иако Папата Франциско јавно ја поддржува нивната работа а во 2014 година официјално ја призна Меѓународната асоцијација на егзорцисти.
Сицилијанскиот свештеник Бенињо Палиља во 2018 година изјави дека Ватикан годишно се справува со 500.000 опседнати луѓе. Бројката толку расте што проблемот се решава и на „црниот пазар“ па во Италија може и онлајн да се закаже егзорцизам.
А сега нешто вознемирувачко, како изгледа егзорцизам кај на нас, спроведуван од строгата но праведна енергија на Тино Кајшаров. Је-зи-во.