По ново вработените на Дел требаа да изберат дали ќе работат далечински или хибридно, а ако се решат за вториот модел, тогаш треба секое тромесечје минимум по 39 дена да бидат присутни во канцеларија.
Далечинското работење пак значи дека нема да мрднат од дома, ама во исто време нема да мрднат ни од позицијата на која се наоѓаат, односно додека се на тој режим нема да бидат унапредени или ангажирани за нови улоги во компанијата.
Соочени со ваквиот избор речиси половина од сите вработени се одлучиле да ги прифатат последиците и да се откажат од унапредување, а да можат да останат да работат од дома.
Вработени на Дел во разговори со медиуми откриваат дека се решиле да продолжат да работат од дома затоа што и едноставно им е поевтино, или дека нивната локална канцеларија се затворила па сега треба да патуваат подалеку, дека не се заинтересирани за унапредување или дека е неразумно да одат да работат во канцеларија кога и онака тимовите со кои работат се наоѓаат насекаде низ светот па и онака состаноците им се по Зум.
Добар дел од интервјуираните изјавиле дека веќе почнале да бараат работа во други компании кои не се обидувале да ги вратат вработените во канцеларија.