На австралиската економија сосема добро ѝ оди опоравувањето од пандемискиот шок но сега се соочува со застој заради недостаток од работна сила.
Стапката на невработеност оди кон историски минимум и изнесува само 3,4% што е сигнал дека на домашен терен, нема веќе од каде да се бараат нови работници.
Владата веќе ја зголеми миграциската квота за да дозволи интервентно доаѓање на 35.000 работници од странство но потребни им се многу повеќе.
Експерти ја предупредуваат дека бавната обработка на веќе постоечките барања за работни визи ги дестимулира странците, особено високо-квалификуваните, воопшто да поднесуваат барања. Се стравува дека тие луѓе ќе се решат на одење во некоја друга земја бидејќи Австралија не е единствената со развиена економија а кусок работна сила.
Ентони Албанезе, кој е премиер од март годинава, се пожали дека претходната администрација оставила необработени над милион барања за работни визи.