Класичното сценарио е ставате пари во автоматот, и без разлика како ви оди вие цело време имате чувство дека добивате. Едно канадско истражување покажа дека за ова не се виновни бесплатните пијалаци, туку музиката и звучните ефекти на автоматот.
Овие звуци од автоматите имаат две главни функции: го зголемуваат емоционалниот набој кај играчите, додека истовремено ги наведуваат на тоа "значително да го преценат бројот на пати кога освоиле нешто."
Во студијата на Универзитетот од Ватерло, истражувачите ставиле две групи на искусни коцкари да играат на апарати без звук. Иако ним им било помалку забавно играњето на тивките апарати, тие во оваа ситуација имале многу подобра претстава за тоа што прават и како им оди.
Во Journal of Gambling Studies истражувачите го опишуваат феноменот на "порази маскирани како победи." Во основа магијата на модерните автомати е што тие успехот да се погоди која било линија (без разлика колку е мала добивката) го проследуваат со музика и ефекти кои се асоцираат со добивка. Ова важи дури и ако си изгубил и на сите други линии, што резултира со нето загуба на конкретната рака. Ова кај коцкарите остава впечаток дека победуваат, што е стимулација повеќе да играат.
Кога звукот бил исклучен тестираните играчи процениле дека победиле 33 пати, а 36 пати кога звукот бил вклучен. Всушност тие победиле само 28 пати и во двете ситуации.