Во Парламентот веќе се користат кучиња за душкање на експлозиви, сега во нивните редови ќе треба да се приклучат и овие што имаат нос за наркотици.
Прво стигна извештајот дека во рок од една година двајца дилери се уапсени за продажба, а 13 лица се приведени за поседување на наркотици во или околу Парламентот. По ова до службените лица на Парламентот имаше пријави дека во отворениот простор на зградата се чувствува мирис на канабис.
Веќе се собрани докази дека имало траги од кокаин во тоалетите кои се најблиску до приватната канцеларија на Борис Џонсон и на министерката за внатрешни, како и до канцелариите на неколку високи опозициски функционери.
Спикерот на Долниот дом, Линдзи Хојл, уште во 2019 алармираше дека Парламентот има проблем со дрога, а изминатиов период се повеќе пратеници, советници и вработени, анонимно пријавуваат случаи на отворено шмркање кокаин од британски пратеници за време на разни настани во Парламентот.
„Постои кокаинска култура во Парламентот. Некои луѓе го прават тоа цело време и се тотално индиферентни. Други внимаваат. Некои се познати имиња, некои се амбициозни млади пратеници и функционери, меѓутоа сите тие ризикуваат да ја изгубат својата кариера. Тие мислат дека се недопирливи, заштитени од нивните пријатели во балонот. Ова е шокантно, но и тажно. На многу од нив им треба помош,“ изјавил еден ветеран од Вестминстер.
Тајмс пишува и за случај со поранешен пратеник кој го ставил својот дилер на платен список на Парламентот тврдејќи дека му е советник, и така му плаќал за своите нарачки. Истиот овој пратеник наводно и самиот дилал дрога.