Вилко го отсвири последниот акорд

На 75 годишна возраст почина Вилко Џонсон, поет и музичар кој ја свиреше гитарата како машин-ган. Помладите можеби повеќе го знаат како немиот џелат од Game Of Thrones. Другите го памтат од Др. Филгуд. Оние кои беа панкери пред панкот.

Пред десет години на Вилко Џонсон му беше дијагностициран рак на панкреас.

Имаше одбиено хемотерапија за да може да ја истера прошталната  турнеја:

„Одлуката беше лесна; хемотерапијата не можеше да стори повеќе отколку за кратко да ми го продолжи животот. Си реков дека попрво би го уживал она здравје кое ми е останато“, изјави Вилко за ББЦ 5.

Од него се простија бројни музичари од старата школа; Роџер Далтри од Ху со кого снимија три албуми и Џими Пејџ од Цепелин кој се потсети каква наелектризирана атмосфера правел Вилко кога првпат гo слушнал во живо. Пол Велер велеше дека иако помалку славен, влијанието на Вилко може да се слушне на разни страни а беше инспирација и за Џони Ротен и Меднес.

Вилко свиреше и со Јан Дјури. А свиреше на уникатен начин, без трзалица, со мавање, со све, а прецизно - срча! Tехника која му овозможуваше истовремено да свири и ритам и соло гитара.  

Жан Жак Барнел од Стренглерс потсетуваше дека меѓу старите времиња и панк времињата постоеше еден мост и тој мост се вика Др. Филгуд. Погледнете ја вие таа чиста енергија и пркос.

 

24 ноември 2022 - 10:20