Приказни за малиот Принц

Кога некој драг неочекувано ќе замине па ќе бараш и ќе голташ сè во врска со него, потсвесно сакајќи да ја пополниш дупката што ти ја направил. Е па, Принц.

Заради екстази повлекол албум.

Во 1987 година Принц прави албум наречен "Black album" но на само неколку дена пред објавувањето решава да го повлече. Лошо накркан од екстази, го фаќа паника дека не смее на светот да му даде толку црна и тмурна музика. Трипот изгледа го држи бааги време со оглед на тоа што албумот го пушти во јавноста дури во 1994та.

Да не ти биде кираџија.

Во 2006 изнајмува холивудска вила која му припаѓа на НБА играчот Карлос Бузер. Јаден тој. Принц ја менува влезната порта со неговиот симбол, водените канали во дворот ги полни со виолетова боја а спалната соба ја претвора во фризерски салон. Бузер подоцна го тужи за неавторизирано реновирање.

Одел по врати како секој Јеховин сведок.

Под влијание на неговиот пријател и ментор Лери Греем (екс басист во Sly and the Family Stone), станува Јеховин сведок и ја прифаќа нивната стратегија за прозелитизам. Од врата до врата, барајќи заинтересирани за разговор околу божјата реч. Замислете го тој момент, отворате врата и ви се нацртува Принц со прашање: Си за муабет?

Обожавал спортови.

Играл пинг-понг, возел ролерки, знаел по журки да вика луѓе на ферка на баскет. Голем НБА обожавател, на концерт во Канада од страна на бината имал телевизор, свирел соло и гледал утакмица. Во некои случаи, луѓе од неговата екипа морале да му дигаат картони во вис за да знае резултат.

Нејќел да го гледаат во очи.

Отпуштил човек од работа  заради тоа. Од екипата, анонимно сведочење: "Никому не му беше дозволено да го погледне во очи. Буквално видов како исфрли еден заради тоа. "Што ме гледа оној? Кажете му да си оди," рече Принц".

Сакал гатанки и загатки.

Режисерот Кевин Смит има зборувано за ова. Го викнал заради евентуална соработка а Принц го прашал ова:  - Ако големата змија роди мала змија, што ќе биде малата змија кога ќе порасне? - Голема змија, рекол Смит.  - Брзаш. Прво треба да знаеш кој е таткото.

Пуштал чудни огласи.

Во 1993 во неколку американски национални магазини има пуштено оглас: "Пожелен ерген ја бара најубавата девојка на светот за да гo поминат одморoт заедно"

Сопруга не смее да го бара на телефон.

Во интервју за Деили Меил, неговата екс сопруга Мајти Гарсија, освен за фактот дека нивната хациенда имала фризерски салон наменет само за него, откри и дека не смеела таа да го бара на телефон. "Дури и кога бевме во брак, морав да чекам тој да ми се јави. Не знам, никогаш не ми кажа зошто е тоа така."

Кога отпуштал, отпуштал.

Questlove бил најмен за една негова забава да биде диџеј. На пола тезга Принц му рекол да престане и наместо неговиот музички избор, на гостите им пуштил ДВВ со музика од "Finding Nemo". Квестлав се нема налутено за ова. По веста за смртта на Принц, на Твитер напиша: "Буквално не можам да дишам. Long Live The King".

Доста трачеви. Музика.

 

24 април 2016 - 21:38