Мегадет: Не сте фер ако сме ви скапи

Како што скопските кафанџии пробуваат да ги правдаат збеснатите цени со зголемените цени на набавките (оти по помалите градови не е поскапено па пак се јаде за попристојни цени), така и некои музичари фатија да им се жалат на фановите дека турните им имаат големи трошоци па затоа картите мора да се толку скапи. А сами да си ги штимаат инструментите, не ги личи.

Фронтменот на Мегадет, Дејв Мастејн, ламентираше над зголемените трошоци на турнеите и нивните ефекти врз цените на билетите за нивните концерти. 

Тој се пожали дека екипа како Мегадет, еден ден на пат може да ги чини и 50.000 долари.

„Имаме човек за светло, човек за звукот, за монитор. На сцена имаме техничар за тапани, техничар за гитара, техничар за бас и уште еден монитор. А зад сцена се возачите на автобусите, на камионите, луѓе од кетеринг...“.

За сите нив требало хотел, треба јадење....

„И после некој ќе ја види цената на билетите и ќе рече, не, не плаќам 75 долари за тоа. Мислам дека не е фер,“ вика Мастејн.

Вика дека на големите бендови како Ајрон Меиден или Ганс енд роузис им е полесно отколку на малите бидејќи потешко можат да ги уценуваат со екстра трошоци за хотели, обезбедување и слично. 

Мегадет се на турнеја по Јужна Америка во 2024. За концертот во Буенос Аирес картите им се од 3.800 до 18.000 денари.

 

24 декември 2023 - 15:03