Крис Кристоферсон, секоја чест

На 88 години, мирно во својот дом почина големиот Крис Кристоферсон, бескрајно надарениот креативец кој успеа да направи две големи паралелни кариери, и во музиката и во Холивуд. Негови песни ќе препознаете и не знаејќи дека се негови бидејќи го имаат преработувано десетици големи имиња. Сè започнува кога Кристоферсон му се буфнал дома на Џони Кеш. Со хеликоптер.  

Фото: ЕПА

Крис Кристоферсон е гигант на американската кантри музика чии песни имаат обработувано легенди како Џони Кеш (6 песни), Џенис Џоплин (со која се имаат забавувано a нејзината Боби МекГи е негова песна), Елвис Присли, Боб Дилан, Вили Нелсон, Џони Мичел, Таунс ван Занд, Гледис Најт....

На филмската лента има работено со Мартин Скорсезе, Сем Пекинпо, има добиено Златен глобус за улогата покрај Барбара Стрејсенд во филмот „Star is Born“ од 1976 година.

Беше радост да се гледа како ги добива почитта и љубовта кои ги заслужуваше“, напиша Барбара Стрејсенд простувајќи се од својот филмски партнер.

Каква голема загуба. Каков голем пишувач. Каков голем актер. Каков голем пријател. Секогаш ќе те сакам,“ пиша Доли Партон.

Џентлмен, мека душа, љубител на зборови. Ми беше чест да бидам околу него. Еден од моите омилени луѓе, се прости од Кристоферсон кантри пејачката Реба Мекентајер. 

Како млад бил пилот на воен хеликоптер но во еден момент решава да ја напушти војската што ја разочарува неговата (воена) фамилија па родителите се откажуваат од него. 

Пробивот во музиката го прави кога со хеликоптер на Националната гарда слетува на ранчот на Џони Кеш за да му даде лента со негови песни да ги слушне. Истата година го снима првиот од 18-те албуми.

Во 1979 година Вили Нелсон издава хит албум со преработки на песни на Кристоферсон а во 1985 година тие двајца, заедно со Џони Кеш и Вејлон Џенингс ја создаваат супер групата Хајвејмен.

Три жени, осум деца, седум внуци.

*********

*********

30 септември 2024 - 10:46