За прв пат во историјата Њујорк тајмс направи повеќе пари од интернет, отколку од хартија

Дури и Њујорк тајмс се жали дека за време на пандемијата издишал со реклами, ама затоа па растурил со претплатите за дигиталното издание.

Како резултат на ова, во вториот квартал од 2020 (да и тој пројде), Тајмс имал 185,5 милиони долари приходи од дигитални претплати и реклами, и 175,4 милиони долари приходи од печатеното издание.

Во овој период компанијата стигнала до 669.000 нови дигитални претплатници со што ова е вториот по раст квартал во историјата на весникот. Моментално Њујорк тајмс има вкупно 6,5 милиони претплатници, од кои 5,7 милиони се претплатени само на дигиталното издание.

Планот им е до 2025 да стигнат до 10 милиони претплати. Тајмс прв пат почна да наплаќа за своите дигитални содржини во 2011.

„Успеавме да докажеме дека е возможно да се креира доблестен круг, во кој искрени инвестиции во високо-квалитетно новинарство привлекуваат поголем ангажман од публиката, што за возврат го помага растот на приходите и понатамошните капацитети за инвестирање,“ порачал ЦЕО-то, Марк Томсон.

Ова е последен ваков извештај на Томсон, за кого минатиот месец беше соопштено дека ја напушта компанијата по 8 години. Томсон на 8-ми септември ќе биде заменет од Мередит Копит Левиен, сегашната оперативна директорка на компанијата.

Тајмс овој квартал од реклами (дигитални и печатени) заработил 67,8 милиони долари, што е 44% помалку од 2019 кога во истиот квартал заработува 120,8 милиони долари. На рекламирање на своите претплати, Тајм овој квартал потрошил 16,5 милиони долари, во 2019, тој трошок во вториот квартал изнесувал 33,9 милиони долари.

5 август 2020 - 16:01