Вашингтон пост фати да ја критикува и диетата на Трамп

Таман ќе помислиш дека дефинитивно е параноичен со неговите верглања дека големите медиуми се намерачени да го распнат по секоја цена и за која било тема, информативен тешкаш како Вашингтон пост ничим изазван излегува со текст со кој се критикува како човекот јаде.

„Зошто начинот на кој се храни Трамп е опасен за здравјето на Американците“ гласи текстот на Вашингтон пост кој зачуди многумина, најмногу заради конктекстот во кој е објавен и атмосферата во актуелната американска политичка дебата.

Статијата е и умна и забавна и информативна и дава фин пресек на прехрамбените и други здравствени навики на американските претседатели во минатото, но многумина се прашуваат дали баш ваква тема му требала баш на Вашингтон пост.

„Никој не вика дека текстот не требало да биде напишан или требало да биде цензуриран. Само што не е неопходно за еден меинстрим медиуми од таков калибар да извади токму таква тема додека деноноќно работи на тоа да ја убеди јавноста дека врвен национален приоритет е да се спаси демократијата од медиумскиот мрак кој го посакува Трамп“, се наведува во едиторијал на Егзаминер во кој се сугерира дека поелегантно би било ваква тема да им се препушти на прогресивните медиуми со пошарена тематика, како Салон или Слејт.

А и Пост и другите етаблирани медиуми досега покажаа неверојатна креативност во наоѓање начини и теми за критика на Трамп, што во очите на дел од јавноста која му е наклонета само ја потврдува тезата дека медиумскиот естаблишмент не бира средства за да го оцрни актуелниот претседател.

„Неверојатна е способноста на угледните новинари да се жалат на нападите од Трамп и неговото подривање на кредибилитетот на нивните медиуми а истовремено да му додаваат муниција за таквите напади“, пишува Јашински во Егзаминер.

 

2 јули 2017 - 21:35