Воениот буџет на Трамп бил заснован на трошковните проекции на Пентагон кој се водел по сценарио да може да води барем две регионални војни истовремено. Математиката испадна толкава што само покачувањето на американскиот буџет (54 милијарди долари) е речиси на ниво на вкупниот буџет што Русите го имаат за таа намена (68 милијарди долари).
Истовремено, со истиот буџет Трамп планира комплетно елиминирање на ставката за Корпорацијата за јавна радиодифузија, тело кое финансиски им помага на стотици јавни радио и телевизиски станици во земјата. Таа ставка изнесува 455 милиони долари.
Тоа не значи удар само на некои од популарните и драгоцени емисии како што е Sesame Street, туку удар на цела мрежа на мали, локални и независни медиуми кои не се нешто многу влијателни на национално ниво но се жилави и битни за локалното население. Тие во различен степен зависат од федералните дотации (од 10 до 50-тина посто од нивниот буџет) а како публика најпогодени од политиката на Трамп ќе бидат луѓето од помалите места во кои медиумите ќе немаат како да ја надополнат новосоздадената дупка.
А и овој случај покажува колку Трамп е своеглав и тера по свое бидејќи е јасно дека неговиот потпретседател по ова прашање има сосема поинакво гледање. Мајк Пенс, како гувернер на Индијана своевремено го зголеми буџетот за таквите медиуми а во 2014, од надлежното тело беше прогласен за „Шампион на радиодифузијата“.