Критикувај ги жестоко
Минатата недела Трамп собра 20-тина уредници и влијателни телевизиски продуценти во Трамп-кулата. Директно ги распукал поради начинот на кој известувале за него за време на кампањата. Еден од нив пренесе дека 20 минути седеле и го слушале како им вика дека „седиме во соба полна со лажговци“. Си-ен-ен ја нарекол мрежа за лаги, а на Ен-би-си им замерил што користеле не баш убави фотографии од него, а можеле да одберат и „пофини“.
Стави ги на црна листа
За време на кампањата, Трамп банираше медиуми чие известување не му се бендисувало. Во јуни им ги повлече акредитациите на Вашингтон пост. По изборите се согласи да се сретне со Њујорк тајмс, но незадоволен од условите, подоцна ја откажа средбата. Па повторно се предомисли, па се сретнаа.
Сврти ја јавноста против медиумите
Трамп ги опишува новинарите како лажговци, нечесни, одвратни и олош. „Ги мразам овие луѓе, ама никогаш нема да ги убијам“, рече на еден предизборен митинг. Односите со нив ги објаснува со заткулисни игри. На пример дека Вашингтон пост пишува против него затоа што издавачот (Џефри Безос од Амазон) се плаши да не му покрене антимонополска тужба доколку стане претседател.
Осуди ги дури и хуморот и сатирата на своја сметка
Редовно на Твитер се расправа околу шоуто „Saturday Night Live“, во кое Алек Болдвин го претставува како идиот фасциниран од тоа што станал претседател. „Тотално еднострано и пристрасно, ич не е смешно. Камо еднакво време за нас?“, твитна Трамп.
Закани им се директно
Трамп најави дека ќе ги смени законите за да биде полесно да се тужи медиумска куќа. „Оние што намерно објавуваат негативни и ужасни статии ќе може да ги тужиме и да заработиме многу пари“, рече човекот што на власт дојде и поради успехот на лажните вести.
Ограничи им го пристапот
Нема одржано прес-конференција уште од јули. Ги блокираше медиумите да не патуваат со него во кампањата, дури и да не знаат со кого ќе се сретне. Неговиот телефонски повик до Путин беше обелоденет од страна на Кремљ.
Заобиколи ги медиумите и со јавноста комуницирај директно
Што мисли Трамп јавноста дознава главно преку неговиот Твитер. Наместо стандардната прес-конференција каква што по победата имаа и Буш и Обама, Трамп на Твитер пушти видео со неговите планови по влегувањето во Белата куќа. Плус, обожава големи митинзи каде што инстантно и заемно се палат со публиката. Зборот медиум и онака доаѓа од „intermediate“, а нему средиштен посредник не му е потребен.