"Вистинската должност на британскиот плуралистички печат сега треба да биде снабдување на гласачите со информациите неопходни за донесување информиран избор за кого да гласаат во овој момент.
Меѓутоа на денот пред изборите во Британија евтиното и остро навредување е полесно," пишува Тим Тиман за Дејли Бист.
Во текот на кампањата Милибанд го трпи својот дел од плескање по насловни, "ама според која било мерка денешниот весник го обележува новото дно за британскиот печат."
Прв пример на Тиман е насловната на "најбесно конзервативниот таблоид, Сан, во сопственост на Руперт Мурдок" Сликата на насловната е речиси една година стара, на нејзе Сан алармира "СПАСЕТЕ ЈА НАШАТА СЛАНИНА," а над насловот е испишано "Ова е нередот што Ед го направи од беспомошниот сендвич. За 48 часа тој ќе може истото да и го направи и на Британија... немој да ги голтате неговите лаги (porkies) и оставете го НАДВОР."
"Со други зборови: 'Овој човек изгледа одвратно додека јаде сендвич. Тој ќе ја сјебе Британија.'
... После недели на кампања, единствената работа која Сан може да им ја каже на своите читатели е да не гласаат за Милибанд заради начинот на кој тој еднаш бил фотографиран додека јаде сендвич.
Гротескната работа е дека сето ова не се однесува на техниката на Милибанд за јадење сендвич - околу која Сан посакува читателите да бидат згрозени и да ги анулираат неговите политички способност и остроумие - туку што таа кажува за основното немање материјал од страна на Сан.
Најдесничарскиот, најскандалозниот таблоид, со целата своја долна и валкана моќ за репортерско истражување, нема ништо за Милибанд, на ден пред изборите, освен како тој јаде леб.
Сан бара од своите читатели да не гласаат за еден од кандидатите за премиер заради начинот на кој таа личност јаде сендвич," пишува Тиман.
На второ тој го обработува Дејли Меил, "каде жените кои имаат кариера и немаат деца се во постојан ризик од рак или внатрешно согорување." Целта на Дејли Меил е да го поврзе Милибанд со Шкотската национална партија - еден од потенцијалните партнери за коалицирање на Милибанд во случај тој да победи (тој негираше дека постојат шанси за коалиција) - преку крупниот наслов на насловната страна: "Ако сте нормални, не му дозволувајте на поборникот за класна војна и на СНП да ја уништат нашата економија - и самата наша нација." Под ова има инструкции за читателите да свртат на 30-32 страница за "Како тактички да гласате за црвениот Ед да не влезе."
Дејли Експрес е најдесничарскиот од сите десничарски весници, кој и уреднички и финансиски ја подржува УКИП десничарската анти-имиграциска партија предводена од Најџ Фараж (човекот што го поканија во Бугарија за да види дека не сите Бугари сакаат да одат во Британија). На насловната е "ексклузивен" совет од самиот Фараж за тоа "Зошто морате да гласате за УКИП."