Додека израелските безмилосни бомбардирања практично ги оставија луѓето во појасот Газа без интернет (види: „Ќе ве бомбардираме, не видовте на Фејсбук?“), една од најголемите медиумски компании во Европа решила тивко да ги ограничи онлајн вестите за цивилните жртви во Палестина.
Апдеј (Upday), најголемиот агрегатор на вести во Европа, дал директиви да се обои покривањето на војната во Газа со про-израелско расположение, тврди Интерсепт кој и разговарал со вработени и дошол до интерни документи на компанијата.
Според овие извори, началството далo упатства да се дава приоритет на израелската перспектива и во пренесувањето вести да се минимизираат смртните случаи на палестинските цивили. Тоа се прави како и на други агрегатори - пожелните информации и извори се качуваат горе за да бидат повидливи додека оние другите се закопуваат во длабочините на кластерите (па оди скролај). Апдеј имаат и нотификации за милиони корисници, но не смеат да ги користат за вести со цивилни жртви во Газа.
Апдеј е подружница на германскиот издавачки гигант Аксел Спрингер, компанија со пазарна вредност од околу седум милијарди евра која, меѓу другите, ги издава германските Билд и Ди Велт, во САД има мнозиство акции на Инсајдер а пред две години го купи Политико.
Апдеј покрива вести од преку 30 земји и има милиони корисници, за што придонесе и договорот со Самсунг кој фабрички ја нуди нивната апликација во своите уреди.
Во основите вредности на компанијата, формулирани уште во 1967 година, се наведува поддршката за еврејскиот народ и за правото на Израел на самоодбрана.