Падот на УСАИД и глобалната мрежа „независни“ медиуми

Секнувањето на чешмата на УСАИД и паниката која се создаде во глобалниот медиумски пејсаж ја бустираше веќе постоечката криза на терминот „независни медиуми“: како се независни ако се зависни од пари на странска влада? Иако Агенцијата со своите проекти таргетираше странска публика, пораките се враќаа во Америка, овојпат од странски медиуми, како „веродостојни, независни и доверливи“ извори за цитирање.

Одлуката на администрацијата на Трамп да го прекине финансирањето на УСАИД фрли стотици тн „независни медиуми“ во криза, разоткривајќи глобална мрежа од илјадници новинари кои попат работат за промовирање на американските интереси во нивните матични земји. 

Одлуката на Трамп и одделот кој го води Маск тргна од  премиса дека промовирањето на либералните и прогресивни каузи на организацијата е џиновско трошење пари. Запирањето на помошта веднаш предизвика шокови не само во интернационалните медиуми, од кои многу, без да знаат нивните читатели, се целосно зависни од финансирањето од Вашингтон. 

УСАИД трошел над четвртина милијарда долари годишно за обучување и финансирање на огромна и распространета мрежа од повеќе од 6.200 известувачи во речиси 1.000 новински куќи или новинарски организации, сето тоа заведено под рубриката „независни медиуми“. По неочекуваното секнување на чешмата, добар дел од нив се во паника, отпуштања, вртење кон читателите за донации...

Најпогодена од оваа одлука е медиумската сцена  во Украина. Критикувајќи ја одлуката на Трамп, Оксана Романјук, директорка на Украинскиот Институт за масовно информирање, откри дека речиси 90% од медиумите во земјата се финансирани од УСАИД; многу од нив и немаат друг извор на финансирање. 

Олга Руденко, главната уредничка на Киев Индипендент (МинтПрес претходно откри дека добивале средства од Вашингтон), напиша дека замрзнувањето на УСАИД е поголема закана за независното украинско новинарство од ковид пандемијата или од руската инвазија.

Во слична неволја се антивладините медиуми во Куба. КубаНет од Мајами објави едиторијал во кој бара пари од читателите. „Се соочуваме со неочекуван предизвик: суспендирање на клучните финансирања што одржуваа дел од нашата работа. Доколку ја цените нашата работа.....“ Лани од УСАИД КубаНет добиле 500.000 долари.

Од Кубанската револуција во 1959 година, САД имаат потрошено  огромни суми пари за финансирање медиумски мрежи во обид да ја урнат владата во Хавана. Во периодот од 1985 до 2013 година, РТВ Марти добиле над половина милијарда долари пари од американските даночни обврзници.

Слично е сега во Никарагва, Бурма (200 новинари директно биле плаќани од УСАИД), Балканот, Иран, Латинска Америка....

Неодамнешното истражување на 20 водечки белоруски медиуми покажа дека неверојатни 60% од нивните буџети доаѓале од Вашингтон. Како и овде, и тие се соочени на ризик да исчезнат.

Земја преплавена со кеш од западни невладини организации е Грузија. На 30 јануари, Грузија Тудеј забележа дека финансирањето на УСАИД е „камен-темелник“ на земјата од нејзината независност. Предупреди дека многу организации веднаш ќе ги затворат вратите засекогаш без стабилен доток на пари.

Во меѓувреме, корисници на социјалните мрежи забележаа дека многу од најистакнатите антикинески гласови на нивните платформи чудно замолкнаа по еутаназијата на УСАИД, регистрира Алан Меклеод од Минтпрес.

Оваа епизода силно ја нагласува веќе постоечката криза на терминот „независни медиуми“.

Леила Бичакчиќ, ЦЕО на босанскиот Центар за истражувачко новинарство (спонзориран од УСАИД), признава (пред камера, на 15:15):

„Ако сте финансирани од американската влада, постојат одредени теми кои едноставно не ги пипате бидејќи американската влада има интереси кои се над сите други.“

Освен УСАИД, во мисија за контрола на наративите е и NED (види: Тоа што не може ЦИА, може Националниот фонд за демократија) а американското министерство за одбрана веќе извесно време распоредува мрежа од 60.000 луѓе (!) чија работа е да влијаат врз јавното мислење. Њусвик за ова пред неколку години напиша дека станува збор за „Најголемата тајна сила што светот ја познавал“ и предупреди дека оваа армија на тролови веројатно го крши домашното и меѓународното право.

Назад кон блаженоупокоените:

Иако со своите медиуски проекти УСАИД конкретно ја таргетира странската публика, голем дел од нејзините пораки се враќаат во Америка, бидејќи сега тие странски медиуми се користат како веродостојни, независни и доверливи извори за цитирање. Така се затвора кругот па и домашната публика е преплавена со пораки кои треба да се слушнат.

Има логика, нели?

25 февруари 2025 - 10:07