Британската министерка за култура, Лиза Нанди, го одобри преземањето на Дејли Телеграф од страна на „Аксел Спрингер СЕ“ по што новинарите веднаш беа потсетени дека од нив формално се очекува да го поддржат Израел.
Новиот шеф, извршниот директор на Аксел Спрингер им пиша на вработените во „Телеграф“ за да ја сподели „својата посветеност кон весникот“. Вработен во „Телеграф“ го обелодени тоа писмо.
Матијас Депфнер инсистира на усогласување на вредностите на „Телеграф“ со издавачката куќа основана од покојниот тајкун Аксел Спрингер - наречен „германскиот Руперт Мердок“ .
Вели дека тоа се „слобода, слободни пазари, индивидуална слобода и слобода на говор“, НО „водени од јасен уреднички компас“.
„Не постои такво нешто како неутрално новинарство“, им порачува извршниот, туку само новинарство кое е „плуралистичко и изненадувачко, фер и базирано на факти“.
За да се осигура дека новинарите ќе го разберат „компасот“, Депфнер им даде комплетче насоки, наречени „основни вредности.“
Од неговите пет основни вредности на медиумот, поддршката на Израел е на високото второ место.
- Ние се залагаме за слобода, слобода на изразување, владеење на правото и демократија.
- Го поддржуваме правото на Израел да постои и се спротивставуваме на сите форми на антисемитизам.
- Се залагаме за трансатлантски сојуз меѓу САД и Европа.
- Ги поддржуваме принципите на економија на слободен пазар.
- Го отфрламе политичкиот и религиозниот екстремизам, како и сите форми на дискриминација.
Според меѓународното право, ниту една држава нема „право на постоење“ . Право на постоење имаат луѓето а народите имаат право на самоопределување.
Во пракса, фразата „правото на Израел да постои“ ја користат про-израелските западни кругови, често за да се оправдаат злосторствата на таа држава- од окупација, колонизација и апартхејд до масовното уништување во Газа.
По тој наратив, секоја критика на Нетанјаху и неговата влада се толкува како антисемитизам. Во превод, секое залагање за слободна Палестина е про-Хамас.
Тоа во медиумската империја е забетонирано уште од покојниот Аксел Спрингер (1912-1985)
„Задача на нашата генерација е цврсто да застане на страната на Израел, дури и ако тоа прави проблеми за нашите политики на друго место“, напиша стариот, додавајќи дека тоа е „германска задача.“
Таа догма доследно ја спроведува актуелниот извршен директор. Кога во 2021 година, вработени се побунија затоа што над седиштето на компанијата е подигнато израелско знаме, Матијас Депфнер грубо им порача:
„Тој што има проблем после антисемитски демонстрации да биде подигнато израелско знаме на една недела, треба да си бара нова работа.“
*******