Њузвик се пишмани

На крајот од минатата година Њузвик ја донесе историската одлука да прекине да се издава во печатен формат и да стане исклучиво дигитален. Некаде во август Њузвик се продаде и некои работи се сменија.

Њујорк Тајмс објавува дека новите сопственици, ИБТ Медија, решиле да го вратат Њузвик во печатена верзија.

Според главниот уредник на Њузвик, Џим Импоко, првиот печатен број излегува во "јануари или февруари" и ќе има 64 страни, ама не треба да се очекува тој да личи на стариот магазин.

Приходите од новата верзија повеќе ќе се собираат од претплати наместо од реклами, заради што магазинот ќе има и повисока цена. Според Импоко тој повеќе ќе биде "бутик производ" како Економист. ИБТ се надеваат дека до крајот на 2014-та ќе продаваат тираж од 100.000 примероци. Во јуни 2012-та, тиражот на Њузвик беше 1,5 милиони.

Одлуката за прекинување на печатената верзија беше донесена затоа што нејзиното производство направи долг од 40 милиони долари.

4 декември 2013 - 14:01